„Форми на системот“ – изложба на Иван Аџиевски во Центар-Јадро

Во сабота (9 декември) од 19 часот во КСП Центар-Јадро ќе биде отворена самостојната изложба на Иван Аџиевски насловена „Форми на системот“.

Од Центар-Јадро велат дека се работи за мултимедијална концептуална изложба во која преку ликовната уметност, инсталациите, скулптурата, како и видеопроекција се прави обид на пошироката јавност да ѝ се покаже критицизам на реалната состојба на коруптивниот неправичен систем со праќање порака за надминување на таквата состојба.

„Корупцијата се перципира како најголемо општествено зло и закана за правната држава. Феноменот на корупцијата се смета не само како морално штетен туку и како причина за нефункционирање на институциите на системот и како сериозен економски и политички проблем (la fraude erigee en systeme). Корупцијата го еродира владеењето на правото и сериозно ги повредува човековите права бидејќи со неа се врши пренасочување на јавните средства наместо за решавање на основните потреби на граѓаните, за коруптивни активности и за нелегално збогатување на поединци или групи (бизнисмени и други центри на моќ). Борбата против корупцијата значи заштита на основните човекови права, гарантирани со Универзалната декларација за човекови права, како што се правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита, чиста животна средина, добра инфраструктура, сигурност и слично“, велат од Центар-Јадро.

Во централниот дел на галеријата е поставена скулптура – стилизирана претстава на божицата на правдата Јустиција изработена од кородиран метал симболизирајки го неправичниот корумпиран судски корозивен систем каде што правдата и правичноста се дефакторизирани и крајно маргинализирани. Сликите и скулптурата се придружени од инсталации – колаж од фотографии од пораки на активисти (CSU) против корупцијата поставени на јавен простор преку кои граѓаните на еден креативен начин го креваат гласот против овој општествен проблем.

„Изложбата „Форми на системот“ овозможува искористување на моќта на уметноста и културата за охрабрување на граѓанска акција против корупцијата. Таа процесира идеја/провокација кај уметниците, активистите и новинарите креативно да се вклучуваат во антикорупциските прашања, да изградат меѓусекторски релации и подобро да ја разберат улогата на креативната акција и како таа влијае врз перцепцијата на јавноста за корупцијата“, се додава во најавата за изложбата.

Од Центар-Јадро посочуваат дека цел на проектот е поттикнување на јавниот дијалог за надминување на корупцијата и неправичноста на централно и на локално ниво од правниот систем како социјален проблем, како и стимулирање повисока свест кај јавноста за овој проблем како пречка за евроинтеграција.

Уметничките слики претставени на изложбата се изработени во различни формати од алтернативни сликарски материјали на платно. На нив се застапени алуминиумски и бакарни плочи во неправилни форми на кои се принтани цитати/фрази од актуелното позитивно право, а јавноста може да се запознае со примери од судската правна практика и судската статистика. На дел од плочите се принтани и филозофски мисли на филозофи/мислители што имаат цел да поттикнат креативен активизам против неправичноста на правниот систем.

Во видеопроекцијата се прикажуваат фрагменти од уметничките слики и таа завршува со приказ на скулптурата – божицата на правдата Јустиција.

Отворањето на изложбата „Форми на системот“ е на 9 декември – Светскиот ден за борба против корупцијата во КСП Центар-Јадро. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, дел од „Програмата за визуелни уметности од национално значење за 2023 година“.

***

Иван Аџиевски (Скопје, 1985) завршува правен факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба „Beauty Spot“ во галерија Концепт 37 каде беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со престава на женски лик и акт во експесионистички и кубистички манир.

На својата втора самостојна изложбa „Beauty Spot II“ во 2022 година во КСП Центар-Јадро престави 24 слики работени во различни сликарски медиуми и материјали со делумна апстракција и енформел кои беа продолжување на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти кубистички претставени.

На третата самостојна мултимедијална концептуална изложба „Форми на системот“ која е дел од програмата за визуелни уметности од национално значење за 2023 година авторот се преставува со слики, инсталации, скулптура и видео проекција кои имаат за цел потикнување на јавен диалог и креативен активизам за надминување на корупцијата како економски и политички проблем.