Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) соопшти дека 94 новинари и медиумски работници, вклучително и девет жени, биле убиени во 2023 година, што е скок од 67 отсто во однос на истиот период претходната година, пренесува Радио Слободна Европа.
Во нивниот извештај тие посочија дека 400 медиумски работници биле затворени годинава, што ја покажува потребата за подобра заштита на новинарите ширум светот.
„ИФЈ инсистира на тоа дека е потребна многу поголема акција од меѓународната заедница за да се заштитат животите на новинарите и да се повикаат на одговорност нивните напаѓачи“, се наведува во извештајот.
Во извештајот, исто така, се вели дека војната во Појасот Газа, која започна во октомври, предизвика нагло зголемување на смртните случаи, со 68 убиени новинари, односно повеќе од еден дневно.
„Војната во Газа беше посмртоносна за новинарите од кој било конфликт откако ИФЈ започна со регистрирање на новинарите убиени за време на својата должност во 1990 година“, се вели во извештајот.
„Меѓународната заедница, а особено Меѓународниот кривичен суд, мора да се соочат со своите одговорности и темелно да ги истражат, и каде што е соодветно, кривично да ги гонат оние кои наредиле и извршиле напади врз новинари“, се наведува во извештајот.