Американскиот водител Алекс Џоунс, познат по ширење на дезинформации и теории на заговор, повторно доби пристап до платформата Икс – порано Твитер, откако актуелниот сопственик Илон Маск направи јавна анкета за тоа дали да ја тргне забраната на Џоунс за користење на платформата, поставена од претходното раководство на социјалната платформа во 2018 година.
Скоро 70% од два милиони гласачи се согласија забраната на Џоунс да биде укината.
Џоунс беше најкритикуван кога лажно тврдеше дека пукањето во американското училиште „Сенди Хукс“, во кое 20 деца и шест возрасни го изгубија својот живот, е наместено и лажирано.
Џоунс тогаш требаше да плати 1.5 милијарди американски долари во отштета на фамилиите на жртвите, според одлуката на судот дека тие се соочиле со насилство и закани поради изјавата на Џоунс.
Џоунс е креатор и водител на платформата за теории на заговор „Infowars“, но беше отстранет од сите поголеми социјални платформи, како Јутјуб и Фејсбук. Во 2018 година, беше отстранет од Твитер бидејќи ги наруши правилата за користење преку насилно однесување.
Откако Маск ја откупи платформата во 2022 година, тој одби да ја тргне забраната на Џоунс иако наиде на бројни побарувања.
„Јас немам милост за некој кои употребува убиства на деца за сопствена заработка, популарност или политика“, напиша тогаш Маск на својот профил.
Но во текот на вчерашниот ден, Маск објави јавна анкета дали да ја тргне забраната на Џоунс, откако по негово купување на платформата беше вратен профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Сегашниот сопственик Маск истакна дека не се согласува со гледиштата на Џоунс поврзани со „Сенди Хукс“, додавајќи дека „тука на оваа платформа веруваме во слободата на говор, нели?“
Тој истакна дека ваквиот потег ќе биде со финансиски загуби за „Икс“, но додаде дека „принципите се поважни од парите“.
Алекс Џоунс ќе плати 965 милиони долари отштета поради ширење на теории на заговор