Граѓанската иницијативата Борба за Влае посочува дека жителите на Тафталиџе со години се жалат дека последните години, по вселувањето на новите „згради џинови“ од 9-15 ката на улица „Прашка“ и булеварот „8 Септември“, тие имаат проблем со водоводот, струја, засенувањето на нивните домови, струењето на воздухот, сообраќајниот метеж, паркирани коли на тротоарите, недостаток на слободни места во градинката и училиштето итн.
„Што ќе направи овој блок од 35 ката на населбата? Замислете како овие згради од 35 спратови ќе влијаат на сите жители. Каде ќе учат овие деца? Дали ќе имаат сенка луѓето северно од овие блокови со 108 метри висина? Како ќе се движат колите по улицата ‘Прашка’, знаејќи дека не смее да се изведе влез во гаража од булевар, а објектите на ‘Пуцко Петрол’ се на булеварот ‘8 Септември’ и ‘М.Т. Гологанов?’“, соопштува Борба за Влае.
Знаеме каков хаос предизвикаа сите згради направени до сега на „Прашка“, велат тие, а дополнително и зградата на „Настел“, и зградите околу ГУЦ и низ населбата.
„А замислете каков хаос ќе направат објектите што можат да бидат 3 пати поголеми од било кој од нив. Општината одлучува да сподели визуелизации за просторот кои ги прават планерските куќи, а на нив им дава одврзани раце да изведат што сакаат на терен. ‘Carte blanche’ за самите изведувачи да си го планираат просторот и да прават колку сакаат објекти и каде сакаат, само под услов да се пониски од 35 ката или 108 метри. При ваков ‘инвеститорски урбанизам’ Општина Карпош ги фаворизира потребите на изведувачите, а на второ место ги става потребите на жителите“, соопштуваат од Борба за Влае.
Од таму ги повикуваат сите што сакаат да направат нешто за да се спречи, како што велат, овој урбицид во Карпош, можат да поднесат анкетни листови до 15 декември, петок.
Инаку, изминативе денови појавија бурни реакции од активисти, еколози, експерти и локални граѓани, откако беше најавено дека на местото на поранешната фабрика „Алимина“ е планиран голем комплекс со вкупно осум нови згради, од кои шест со висина од 9 до 14 катови, а две големи кули од 25 до 35 катови. Револт поттикна и тоа што Општина Карпош на јавните анкети им дозволува само на жителите на четвртот за кој се носи ДУПот, да дадат свои забелешки, но не и на граѓаните што живеат околу Алумина.
Во Карпош кај поранешна „Алумина“ предвидени осум згради, соседите немаат право на жалба