Гоше Николов е млад новинар во Новинската агенција Мета кој работи на теми поврзани со млади и она што нив ги засега, образование, социјални мрежи, нови технологии, култура… Во прилог на тоа, тој е автор и водител на видео-мисијата „Зошто (не) е така?“ во која се разбиваат „митови“ што се шират по интернетот. Во интервју со него разговараме за тоа со какви дезинофмрации се среќаваат младите на интернетот, која е „опасната зона“ за нивно ширење, и на што се’ може да наиде некој доколку истражува дали одредена информација е точна.
Колку според тебе младите денес се изложени на дезинформации?
Дезинформациите ги демнат младите „од сите страни“. Фактите и реалноста ни покажуваат високо ниво на дигитално присуство и онлајн активност кај младите – тинејџерите, како и оние во раните дваесетти години. Младите користат најразлични онлајн платформи за да се социјализираат, да се забавуваат и, секако, да се информираат – социјални мрежи, апликации за пораки, видео платформи. Социјалните мрежи се местата каде тие се најактивни, а истовремено се и места каде дезинформациите се најфреквентни. Оттука, речиси е невозможно корисник на која било социјална мрежа да не се сретнал со дезинформација и тоа не само еднаш, туку повеќе пати додека скролал низ омилените платформи и гледал „сториња“ или видеа. Јас би рекол и оти дезинформациите го пресекуваат патот на младите (речиси) секојдневно.
Ако Фејсбук важи за платформа каде е најлесно да се „заведат“ или дезинформираат повозрасните, концентрацијата на младите во Македонија на нивната омилена социјална мрежа во моментов – Инстаграм, ја прави токму оваа платформа плодна почва за ширење на лажни вести што за цел ги имаат младите луѓе. Притоа, нешто за кое треба да бидеме свесни е дека ширењето дезинформации на Инстаграм е многу полесно отколку на Фејсбук: иако во моментов постои можност креираните содржини на македонски јазик на Инстаграм да подлежат на проверка од независните проверувачи на факти, исто како што тоа го нуди и прави и Фејсбук, ваквите содржини ретко, односно речиси никогаш и не се пријавуваат до рецензентите.
Една од причините за ова е што најпопуларната функција на Инстаграм – „Стори“ содржините, се видливи само 24 часа од моментот на објавување, по што се бришат и повеќе не се достапни за другите корисници, освен за оној што ги создал. Дезинформациите на Инстаграм најчесто се шират токму на овој начин – се појавуваат на „Стори“, стигаат до очите на публиката и исчезнуваат. Ги снемува, а штетата е направена – младите веќе ги виделе и биле жртва на (не)намерната дезинформација. Доколку некој во меѓувреме не направил „принтскрин“ од содржината, не постои трага за тоа кој ја објавил дезинформацијата.
Друга причина е недоволното знаење меѓу младите дека воопшто имаат таква опција и некористењето на истата. Ова потекнува од недоволната свесност за тоа колку дезинформациите, дури и оние што ни се чинат „смешни“ и „очигледни“, можат да направат штета и да влијаат на мислењето. Од друга страна, оние што ги шират дезинформациите се и тоа како свесни за оваа состојба и истата ја искористуваат многу вешто.
Неретко ширачи на лажни вести се и инфлуенсерите, иако тие најчесто го прават тоа поради незнаење и неинформираност. Инфлуенсер што креира содржини за мода, фитнес, патување или готвење не може да ти биде веродостоен извор на информација за важна општествена тема, затоа што не посветува доволно време да се информира за истата, туку само ја споделува информацијата/сликата што некој „загрижен“ следбеник му ја пратил. Секако, очигледни се и примерите на креатори на содржини (инфлуенсери) кои се докажани канали преку кои организирано се споделуваат дезинформации. Од друга страна, тука се и позитивните примери на креатори кои се особено внимателни во однос на тоа што го претставуваат пред својата публика.
Со кои дезинформации најчесто се соочуваат младите последниов период? Може да ни кажеш низ призма на она што го работиш.
Ако земеме предвид дека младата популација е составена претежно од студенти и ученици, очекувана е претпоставката дека дезинформациите кои ги тангираат вклучуваат содржини поврзани со она што најмногу ги засега – нивното образование и образовните установи.
Би сакал да нагласам дека студентите се особено изложени на дезинформации периодов, поради фактот што се гласачко тело, а свесни сме дека за неколку месеци ќе имаме избори во државата, па наближуваат предизборните кампањи, кои, според досегашното искуство, се очекува повторно да бидат валкани и преполни со дезинформации и спинувања. Впрочем, политичките партии се едни од најголемите производители на лажни вести во Македонија.
Само во последните неколку недели, како новинар што го следи секторот „образование“, бев сведок на дезинформации чиј број воопшто не е за потценување. Студентите кои престојуваат во студентските домови и понатаму се соочуваат со низа проблеми и предизвици како лоши услови за престој и исхрана, недостаток на топла вода или недоволно греење во објектите. И додека оваа горка реалност е мошне сериозна и бара итна реакција од надлежните, одредени актери ги искористуваат студентските проблеми за свои цели, притоа извртувајќи ја вистината и обидувајќи се да претстават слика која поприлично се разликува од фактичката состојба.
Последен во низата такви настани е опасната дезинформација која на реален проблем (недостаток на топла вода во студентскиот дом „Пелагонија“) успеа да му додаде националистички примеси кои можеа да поттикнат етничка нетрпеливост. Попрецизно, преку коментар кој беше предмет на бројни реакции, се правеа обиди да се дезинфомираат студентите дека наводно сите студенти-Албанци што престојуваат во овој студентски дом, се ослободени од плаќање, додека студентите-Македонци што не плаќаат „се бројат на прсти“. Брзата и кратка новинарска проверка покажа дека и двата наводи се неточни. Дополнително, како новинар и медиум што ја разобличи дезинформацијата, бевме мета на притисок и напад токму од лицата на чии страници на социјалните мрежи се ширеа овие дезинформации.
Претходно, на Инстаграм и Фејсбук се споделуваше лажно известување во студентскиот дом „Стив Наумов“ кое дезинформираше дека наводно мензата во домот повеќе немало да работи за викенди (во прилог фотографијата). И во овој случај стануваше збор за лага. Она што загрижува е следново: замислете, некој посветил доволно време за да го напише лажното известување, да го залепи на видно место во домот и да го рашири преку апликации за пораки и социјални мрежи до сите студенти-станари.
Трет пример што го забележав изминативе недели е што штетите што биле предизвикани во студентските и ученичките домови, а во меѓувреме биле санирани, се презентираа задоцнето и претерано/преувеличено. Настаната штета во скопскиот интернат „Здравко Цветковски“ на социјалните мрежи беше претставена како реалност цела недела откако се случила и била санирана. Сличен пример имаше и со греењето во студентскиот дом „Стив Наумов“ – иако проблемот со парноводната мрежа бил решен, информации за наводен проблем и понатаму се ширеа – преку соопштенија на сомнителни и непознати организации, и, секако, на социјалните мрежи.
Во зошто (не) е така вообичаено со неколку соговорници разбивате митови. Може ли да ни посочиш пример за некоја епизода за која при истражувањето на митот/дезинформацијата наиде на интересни (изненадувачки) податоци?
Идејата на „Зошто (не) е така“ е, на еден интересен начин – преку динамични видеа, да им ги разрешиме дилемите на младите во однос на митовите и потенцијалните дезинформации на одредени теми со кои се сретнале или се среќаваат. Досега објавивме десетина епизоди кои ги, меѓу другите, ги обработија и темите вештачка интелигенција, климатски промени, сајбер хигиена, војна во Украина. Истражувајќи ги митовите пред секоја епизода и консултирајќи се со експертите – познавачи на темите кои ги коментираат овие митови и дезинформации, морам да признаам дека особено бев изненаден од сознанието во однос на спинувањата околу родовата еднаквост и сеопфатното сексуално образование – две теми, кои за жал, уште се „табу“ во македонското општество. „Демонизирањето“ на овие теми го прават таканаречените „антиродови движења“, кои се особено активни и присутни последниве месеци и чија реторика е иста и преземена од истите вакви движења и во други држави.
Сознанието што ме изненади е леснотијата со која луѓето ги прифаќаат лагите и спинувањата што ги претставуваат овие движења за да ги заплашат и манипулираат мислењата на луѓето. Додуша, поголема мета се „возрасните“ категории на граѓани, но токму меѓу тие генерации се наоѓаат и родителите кои, поради тоа што биле жртви на дезинформации и манипулации, како и поради неинформираноста, се противат на воведување, на пример, на сеопфатно сексуално образование во училиштата.
Младите, од друга страна, се полиберални во однос на оваа тема. Кај нив свесноста е поголема бидејќи, во случај кога не се едуцираат за сексуалното образование во училиштата, принудени се одговорите на прашањата да ги бараат таму каде што се најактивни – на Интернет, кој пак е преполн со погрешни толкувања и насоки, што можат да предизвика големи штети.
Во однос на темата „родова еднаквост“, која исто така доминираше во јавниот дискурс кога се актуелизираа измените на два закона – за родова еднаквост и за матична евиденција – запрепастува податокот за успехот на манипулацијата дека, на пример, родовата еднаквост е зараза од која ќе настане, замислете, „хаос и уривање на државите“. Бројот на луѓе што ги прифаќаат ваквите манипулации како вистина е загрижувачки и затоа должност на секој професионален новинар и совесен човек, е да ги презентира фактите и вистината, не само на оваа, туку на секоја тема, со што ќе се придонесе кон разумно расудување и разликување на фактите од фикцијата.
Дали ти се случило при истражување на одредена содржина да наидеш на дезинформации кај институции, луѓе соодветни за интервјуирање и слично?
Како новинари мораме да бидеме особено внимателни кога земаме изјави од соговорници, без разлика дали станува збор за лице што е директор, политичар, министер, „експерт“, граѓанин и, сè што е кажано да го земеме со одредена доза на резерва, која би се расчистила само откако сами ќе се увериме дека кажаното во изјавата е факт.
Секоја приказна има најмалку две страни, а на нас како новинари е, откако ќе ги слушнеме сите верзии, да се обидеме да ја извлечеме и претставиме вистината. Во моето новинарско искуство сум добивал изјави од соговорници кои се обидувале да ја извртат вистината и, секако, да дадат погрешна информација, само за да се заштитат себеси и, понекогаш, своите позиции. Ако директор на студентски или училишен дом ти каже дека во домот има топла вода, а триесет станари ти велат дека нема, останува на тебе да ги искористиш своите новинарски вештини и искуство за да ја откриеш вистината и да ја претставиш реалноста пред јавноста. На крај доаѓаш до интересни сознанија – дали се обидува да те „излаже“ оној што е во позиција на моќ, или пак можеби организираното мнозинство кое имало скриени намери.
Покрај медиумите кои се залагаат за точно информирање на младите, начинот да допрат до нив преку видеа, текстови, социјални мрежи, кој други начини се можни со цел да се намали/ спречи бранот на дезинформации?
Не мислам дека дезинформациите може да се спречат, поради тоа што станува збор за појава која најчесто е производ на организирани и насочувани групи што продуцираат лажни објави намерно. И додека не можеме да ги елиминираме, тоа што можеме да го направиме како општество е да го ублажиме нивното влијание и нивната распространетост.
Тука е, пред сè, воведувањето на медиумска писменост во сите нивоа на формалното образование. Ова е можеби клучно образовните програми треба да се фокусираат на подучување на поединците, особено на младите, како критички да ги оценуваат информациите што стигаат до нив, како да ги идентификуваат сигурните и веродостојни извори и како да ги препознаат вообичаените тактики што ги користат дезинформациите и нивните производители.
Поттикнувањето на развојот на вештини за критичко размислување исто така може да им помогне на младите да ги преиспитуваат и анализираат информациите со кои се среќаваат. Тоа значи да се биде свесен за предрасудите, да се прави проверка на изворите и да се разгледаат повеќе перспективи пред една информација да се прифати како вистина.
Потребно е поддршка и промовирање на организациите и иницијативите за проверка на факти, кои и тоа како помагаат да се разоткријат лажните вести. Овие организации играат витална улога во проверката на тврдењата и обезбедувањето точни информации за јавноста.
Ако кај еден инфлуенсер или платформа на Инстаграм си видел објава што потоа се покажала како лажна, секоја следна објава од истиот инфлуенсер треба да ја земаш со голема резерва, затоа што очигледно самиот тој или таа не посветува доволно време и внимание за да ги провери содржините пред да ги изложи пред својата публика.
Во општество како македонското во кое очигледно не постои доволна свесност меѓу луѓето, а особено меѓу креаторите на содржини – инфлуенсерите за тоа што го споделуваат на социјалните мрежи, веројатно најдобар и најпаметен начин да се намали ширењето на виралните дезинформации преку нивните канали е доколку истите на некаков начин се регулираат, од аспект на тоа да сносат одговорност за евентуалните штетни или лажни содржини што ќе ги прикажат. Регулацијата на инфлуенсерите е нешто што веќе се случува во светот и што нема да ја одмине ниту Македонија. До внимание се доаѓа лесно, но не и до влијание. Високиот број на следбеници носи одговорност да се внимава на секој збор што се објавува на „Стори“.
*Дел од одговорите во интервјуто првично беа објавени во текстот: Младите во забуна како да ги „сварат“ дезинформациите, ама и како самите да не станат дезинформатори.
Ангела Бошкоска