„Во заднината на процесот може да се кријат лукративни причини“ – Здружението на инженери поднесе претставка за концесијата за Чебрен

Здружението на инженерите на Македонија поднесоа претставка до надлежните институции за одлуката за концесија за хидроцентралата Чебрен.

Претставката е поради сомневање дека со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на ПЦрна Река, се направени бројни суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци.

Инженерите се сомневаат дека со донесувањето на општите акти се загрозува суверенитетот, територијалната целина и основите на економските односи определени со Уставот, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за одбрана.

Извор: Здружение на инженери

„Да се замрзне просецот за потпишување на договор за Јавно-приватно партнерство додека не се истражат, потврдат или отфрлат нашите сомневања дека процесот на подготовка на тендерската документација, самата тендерска документација и процесот на подготовката се водат на начин да се фаворизира студија изработена од компанијата ‘Ексергија’ од Грција, а договорот е со грчката државна компанија ‘Public Power Corporation SA’ и ‘Archirodon Group N.V’“, стои во претставката до институциите.

Дополнително, инженерите се загрижени дека во заднината на овој, како што велат, долг процес на донесување одлука, може да се кријат и лукративни причини, за кои немаат суштински докази, а веруваат дека институциите постапувајќи во рамките на својата надлежност истити ќе ги пронајдат.

Претставката е поднесена до Уставен суд, Државно правобранителство, Државна комисија за спречување на корупцијата, Државен завод за ревизија, Јавно обвинителство и Бирото за јавни набавки.