Во понеделник во Собранието на Северна Македонија започнува расправата за утврдување кандидати за новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Од Мрежата за заштита на дискриминација преку соопштение до јавноста, апелираат до пратениците да направат избор на квалитетни кандидати кои ќе ја унапредат работата на Комисијата.
Невладините велат дека од првичниот преглед на кандидатите утврдиле дека помеѓу нив има независни експерти, со долгогодишно докажано искуство во областа на антидискриминацијата и човековите права.
„Законските критериуми за избор на членови на КСЗД се: седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; 240 ЕКТС кредити; да е државјанин/ка на РСМ; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија. Бараме Комисијата за прашањата за изборите и именувањата воопшто да не ги земе предвид кандидатите за кои е јасно дека не ги исполнуваат законските критериуми и да не ги повика на интервју. На ваков начин ќе се превенира незаконски избор на кандидати кои не исполнуваат критериуми, а воедно ќе остави простор за дискусија и за избор на најдобрите кандидати од пријавените. Го повторуваме клучното барање: Собранието да избере независни кандидати/ки по заслуга кои ги исполнуваат законските критериуми, а да не прави избор по партиски клуч“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Оттаму велат дека ефикасноста, непристрасноста и исполнување на надлежностите на КСЗД директно зависи од знаењата, експертизата и интегритетот на членовите на комисијата.
„Кандидати кои немаат знаења и се избрани по партиски клуч не можат да штитат и да превенираат од дискриминација, особено имајќи предвид дека тие мандатот го должат на партиите, а не на сопственото знаења и искуство. Оттука, наместо еднаквоста на граѓаните, овие кандидати ќе ги штитат партиските и личните интереси од позиција на членови на КСЗД“, посочуваат од Мрежата.
Активистите додаваат дека КСЗД успеала да се промовира како ефикасна институција и дека нејзините резултати биле препознаени и од страна на меѓународната заедница и Европската комисија.
„Потсетуваме на законската обврска членовите на Комисијата да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество. Оттука, бараме Собранието да избере минимум 3 жени, како и припадници на други маргинализирани групи како лица со попреченост, ЛГБТИ, Роми и други, кои ги исполнуваат законските критериуми“, се заклучува во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.