Нови 475 квадратни метри денеска започнаа да се реконструираат со цел таму да се вдоми „Куќата на џезот“, односно домот на Националната установа – Џез оркестар.
Почетокот на реконструкцијата се официјализираше со Договорот за реконструкција и адаптација на просторот.
Договорот го потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и Фатих Кан, директор на „Тав Констракшн“ во земјава.
Од Министерството за култура посочуваат дека потпишувањето на Договорот е последниот чекор во подготовките за непречено започнување на градежните работи на домот на Националната установа Џез-оркестар.
„И овој објект, по својата опременост, мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно, не само поради специфичноста на ‘куќата на џезот’ туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување да биде агонично и прескапо. Такви објекти наследивме. И доста е“, рече Костадиновска Стојчевска.
Таа посочи дека по Владината одлука, обезбедени се 10 милиони денари, средства од ТАВ-програмата, за целосно реновирање на просторот во „дом на џезот“.