Денеска (15 декември) во Офицерски дом Битола по втор пат ќе се одржи Саем на креативни индустрии, под покровителство на Министерството за култура, Општина Битола и КИЦ Битола.
Организаторите најавуваат дека на саемот ќе се претстават 15-тина изложувачи кои се дел од креативниот сектор од Битола и пошироко.
„Ќе бидат промовирани многубројни производи и услуги од областа на креативните индустрии, вклучително различни модни брендови, рачно изработен накит, новчаници, свеќи, робот, ќе има лего едукација за деца, ќе се презентираат маркетинг решенија и друго“, стои во најавата за саемот.
Настанот годинава е со фокус на одржливоста, а работното време е од 11 до 18 часот.
Станува збор за вториот дел од Саемот на креативни индустрии во организација на здружението Балкан синема ситис. Првиот дел од Саемот за креативни индустрии беше одржан на 28 и 29 ноември во Скопје на кој имаше повеќе од 40 изложувачи.