Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, за планот „Комплекс Алумина“, на кој Пуцко Петрол може да гради и објекти високи до 35 ката, рече дека тоа ќе бидат „нови, современи објекти како што има во Чикаго, Дубаи, Торонто, Виена, Софија, Белград“.
Според него, лага се тврдењата дека ќе има повеќе 35-катници, туку, вели тој, идејата е да се заземе небото и да се оди во висина, за да не се завземе зеленилото.
На јавната презентација, карпошани се жалеа дека на улица „Прашка“ зад Алумина и сега не се поминува.
„Покрај 2.500 резидентни паркинзи, ќе има уште 1.000. Целото паркирање на таа територија ќе биде решено“, уверува Јакимовски.
Исто така, тој потенцираше дека 50% од парцелите ќе биде зеленило, за што реагираа од иницијативата Борба за Влае, од каде посочија дека во табелата од ДУП-от гледаат 50 и 70% надземна изграденост, а подземната изграденост не е воопшто ограничена.
Така, велат активистите, градбите ќе можат да одат до 100% од парцелите под земја.
„И ако навистина е 50% зеленило според градоначалникот, каде тогаш ќе се смести подземната гаража и подземните улици? Зарем 50% од просторот ќе е доволен за нив? Работите треба да се дефинираат во планот. На пример: 30% за зеленило и 70% за подземно градење/паркирање. 30% за целосно зеленило и дополнително 20% за зеленило над гаражите со повеќе почва. Ако ова не го дефинирате во ДУП-от, не ви веруваме дека ова ќе биде зелен комплекс! На фотомонтажи со зеленило по тераси не веруваме!“, реагираат од Борба за Влае.
Меѓу другото, прашуваат каде пишува дека ќе имало 2.500 паркинг места за резиденти, 1.000 места за жители, а дополнително, нагласуваат дека во ДУП-от не наоѓаат намена B2-социјална заштита за она што од Јакимовски беше најавено како „градинка и пензионерски клуб“.