Ако се задржи сегашното ниво на фертилитет Северна Македонија во 2035 година би имала 1,53 милиони жители, во 2050 година би имала 1,35 милиони жители, а во 2070 година би имала 1,22 милиони жители. Ова го покажува новата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС), во која се направени проекции за бројот на населението во државава според неколку различни сценарија.
Погоре е наведено сценариото на константен фертилитет, кое истовремено вклучува опаѓачки морталитет и променливо ниво на миграции. Покрај ова ДЗС изготвила и шест други варијанти, кои, според нив, имаат целисходност да бидат претставени во анализата.
Најлошото сценарио за Македонија е онаа на константни вредности, каде се прави проекција на база на досегашното ниво на фертилитет, морталитет и миграции. Според оваа варијанта државава би имала 1,52 милиони жители во во 2035 година, 1,09 милиони жители во 2050 и само 501 илјада жители во 2070 година. Сепак, треба да се напомене дека оваа варијанта е тешко веројатно дека би се случила, најмногу поради тоа што многу веројатно е дека старосниот век на луѓето во иднина само ќе се зголемува со развојот на медицината и здравствената заштита.
Помеѓу остварливите сценарија се наоѓа варијантата за тоа како ќе изгледа Македонија доколку има висок фертилитет (1,44 милиони жители до 2050 и 1,4 милиони жители во 2070 година) и низок фертилитет (1,3 милиони жители во 2050 и 1,12 милиони жители во 2070 година). Со проекцијата за среден фертилитет, Македонија во 2035 година би имала 1,52 милиони жители, во 2050 би имала 1,32 милиони, а во 2070 во земјава би живееле 1,19 милиони жители.
Во сценаријата кои ги разработува ДЗС во публикација се вклучени уште две – варијанта со константен морталитет и нулта миграциско салдо, кои е речиси неверојатно дека би можеле да се случат во следниот половина век.
„Резултатите од проекциите укажуваат на голема извесност дека Република Северна Македонија и во наредниот половина век ќе остане подрачје со негативен природен прираст. Имено, поаѓајќи од наследените структури на населението по возраст и по пол, остварувањето на претпоставките за идните трендови на фертилитетот, морталитетот и миграциското салдо, би имале како директна последица континуирано поголем број на умрени лица од бројот на живородени деца, односно континуиран негативен природен прираст и тоа во случај на реализација на која било проекциска варијанта. Ако постојат разлики, тие се однесуваат исклучиво на проектираниот обем и стапките на негативниот природен прираст, како и на насоките на промените“, се наведува во публикацијата.
Од ДЗС го истакнуваат и значењето на овие демографски проекции, кои покрај чисто планерските потреби, се важни и при донесување на конкретни мерки кај популациските политики.
„Генерално, областите на примена на проекциите на населението се многубројни и значително повеќе од тоа што обично се мисли. Тоа се политиката, економијата, урбанизмот, социјалната заштита, здравственото и пензиското осигурување и, секако, строго научните истражувања“, се наведува во публикацијата на ДЗС.
Статистичарите исто така напоменуваат дека останува обврската после секој нов попис на населението да се изврши ревизија на ваквите проекции, кои би биле врз основа на податоците за новите состојби и текови кај населението.
Целата публикација може да ја погледнете на следниов ЛИНК.