Најмалку 118 лица загинаа во земјотресот со јачина од 6.2 степени според Рихтеровата скала што го погоди северозападниот дел на Кина, односно провинциите Гансу и во соседната провинција Чингхај. Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на дополнителни напори во операциите за пребарување и спасување, пренесува Н1.
Земјотресот се случи во понеделникот во 23:59 часот по локално време, на длабочина од 10 километри во округот Џишишан во Гансу, на околу 100 километри југозападно од главниот град на провинцијата Ланжу, при што беа повредени најмалку 500 луѓе и оштетени околу 6.400 домови во областа, патишта и друга инфраструктура, соопштија локалните власти.
Во вторникот наутро, потврдена е смртта на 105 лица и 397 повредени во провинцијата Гансу, од кои 16 се во критична состојба, изјави на прес-конференција портпаролот на локалниот оддел за итни случаи.
Уште 13 лица загинаа, а 182 се повредени во Чингхај, област северно од епицентарот, јавија државните медиуми. Уште 20 се водат како исчезнати во Чингхај, откако биле затрупани во лизгање на земјиштето.
Подрачјето погодено од земјотресот се наоѓа во планински регион, каде температурите се екстремно ниски, околу -14 степени, што дополнително ја отежнува работата на спасувачите.
Иако период од 72 часа се наведува како време во кое може да се најдат преживеани по земјотрес, поради временските услови тој период е пократок, а заробените под урнатините се изложени на уште поголем ризик.
Во подрачјето погодено од земјотресот постепено се обновува снабдувањето со електрична енергија. Оштетени се десетици автопати и селски патишта, а предизвикани се и неколку одрони.
Земјотресот бил почувствуван во повеќето околни области, вклучувајќи го Ланжу, главниот град на провинцијата Гансу, на околу 100 километри североисточно од епицентарот.
До 8 часот по локално време, регистрирани се 32 последователни потреси, од кои најголемиот бил со јачина од 4 степени, соопшти провинцискиот оддел за итни случаи.