„Повторно трка на дното. Дали Скопје, дали Сараево ќе биде најзагаден град во регионот?“, прашуваат од граѓанската иницијатива Шанса за Центар.
Од таму посочуваат дека на прагот сме на 2024-та година, а во нашите градови се’ уште имаме 7 големи болници кои се греат на исклучително валканиот мазут. Истовремено лечат и разболуваат.
„Стотици други јавни објекти горат милиони литри нафта за греење и оваа како и претходните зими. Нафтата за греење содржи 100 пати повеќе сулфур отколку дизел горивата за возилата“, реагираат од Шанса за Центар.
Активистите потсетуваат и на мапата што ја изработија со јавни објекти што го загадуваат воздухот, кои ги има барем над 700. Шанса за Центар само во Скопје мапираше над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење.