Општинските пари за граѓански организации речиси целосно завршуваат во спортски клубови, покажува ново истражување

Само 0,1% од буџетите на македонските општини во просек се одвојуваат за финансиска поддршка на Здруженијата на граѓани и фондациите, покажува новото истражување кое го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Истражувањето насловено „Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“ открива дека општините преку буџетската ставка 463 (Трансфери до невладини организации) во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра, но над 90% од овие пари добиле спортските клубови кои се „миленици на локалните власти“.

Фото: Истражување „Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“ / Центар за граѓански комуникации

 

Истражувањето утврдило и дека просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови 6,5 пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.

„Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното“, стои во анализата.

Фото: Истражување „Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“ / Центар за граѓански комуникации

Од ЦГК велат и дека јавните повици за доделување финансиска поддршка за невладини организации се објавуваат на веб-страниците на општините, но во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.

„Поголем дел од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А, не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозможуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција“, велат од ЦГК.

Истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“, а целата публикација е достапна на следниов ЛИНК.