Колективот Ветерница ја најавува премиерата на инклузивната претстава „Божествена комедија“ која ќе се одржи утре (22 декември, петок) во 18 часот на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ).
„’Божествена рапсодија’ е ексклузивно и интригантно шоу кое низ македонската музика парадира со експериментални музички аранжмани, со кои преку безусловна соработка на инклузивниот хор, комуникација и секојдневие постигнуваме заедништво. Опуштете се и вклучете се во оваа моќна приказна. Се ќе биде добро на крајот. Или не. Изгледа дека и вие играте улога“, се вели во најавата за изведбата.
На сцената настапуваат членовите инклузивен ансамбл на возраст од 10 до 55 години, актери кои досега успешно соработуваат во поставување на заеднички претстави како „Шумска бајка“, „Други приказни за Алиса“ и „Дрво низ времето“, односно членови кои го формираа Првиот инклузивен градски хор, чија цел е да ја користи музиката и песната како алатка за комуникација и интеграција,
Во претставата играат: Елизабета Петковска, Ена Митревска, Коста Аризанов, Марио Мицкоски, Стефан Трпковски, Матеј Аларов, Оливер Блажевски, Ирина Прокопиева, Филип Ангеловски, Иво Веиќ, Нана Танеска, Ена Ковачевска, Ивана Полизовски, Данаја Ефтимова, Мартин Манчевски, Матеј Петровски, Ана Јовановска. Изведбата е во режија на Колективот Ветерница.
Картите може да се купат на билетарата на МНТ или онлајн на веб-страницата на театарот.
Проектот е во продукција на Трисомија 21 Скопје, поддржан од Министерството за култура, Македонски народен театар и Колектив Ветерница со цел истражување на нови форми на современ инклузивен сценски израз.