Скопското средно училиште ЕМУЦ „8 Септември“, кое за загревање набавува по 24 илјади литри нафта, објави тендер за приклучување на зградата на училиштето на централното градско парно греење.
Од Шанса за Центар велат дека ваквите примери се ретки, но кога ги има треба да се поддржат и истакнат.
„Се надеваме дека успешно ќе ја завршат работата и наместо само да дополнуваме јавни објекти кои загадуваат ќе почнеме и да ги бришеме“, велат од граѓанската иницијава, кои неодамна објавија мапа со над 700 јавни објекти, градинки, училишта, касарни, судови… низ Македонија кои се греат на нафта, мазут и јаглен.
Меѓу нив, забележаа тие, има 7 големи болници исклучиво на валканиот мазут, што практично значи дека истовремено лечат и заболуваат.
„Стотици други јавни објекти горат милиони литри нафта за греење и оваа како и претходните зими. Нафтата за греење содржи 100 пати повеќе сулфур отколку дизел горивата за возилата“, реагираа од Шанса за Центар.
Инаку, за ваквата проблематика деновиве реагираа и од „О2 Иницијатива“, особено што надвор воздухот е токсичен, а амандманите на Буџетот за 2024 година за намалување на аерозагадувањето – не се прифатија.
Заменик-министерот за финансии Филип Николоски за амандманот за замена на начинот на загревање на здравствените и образовни установи и јавни објекти, кои користат мазут или нафта (екстра лесно), кажа дека имало за тоа заем од ЕБОР за енергетска ефикасност.
„Секоја година се дава тоа објаснување и нема никаква замена на начинот на загревање на овие објекти. Така и за 2024 година, пари за замена на начин на греење на јавни објекти – нема. Инаку оваа Влада се обврза дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Еве сме 2024 и ништо од тоа!“, стои во реакцијата на еко-активистите.
За 1.000 филтри за домаќинства (120 евра еден) и 3 вшмукувачи на издувни гасови од сообраќајот на големи раскрсници, министерот кажа дека биле обезбедени 53 милиони денари во потпрограмата квалитет на воздух.
Еко-активистите потенцираат: во таа потпрограма нема ниту 1 денар за намалување на аерозагадувањето.
„Пратениците од владеачкото мнозинство гласаа против овие и сите други амандмани за заштита на животната средина. Дел од овие пратеници се членови на Зелената интерпартиска парламентарна група, која остана само про-форма група, без вистински залагања за зелени политики. Инаку, да се усвоеја сите предложени амандмани за заштита на животната средина, сумата ќе беше само 0.15% од вкупните расходи на Буџетот кои се над €6 милијарди“, забележаа од „О2 Иницијатива“.
Бојан Шашевски