АРНО, здружение за социјални иновации основано во Македонија во 2013 година, вчера одбележа 10-годишнина од формирањето.
„Во текот на изминатата деценија, АРНО беше предводник на социјалното и зеленото претприемништво, развојот на младите, филантропијата и стремежот кон општествени промени. Посветеноста на организацијата резултираше со извонредни достигнувања и широки признанија. Во декември годинава, АРНО ја доби наградата ‘Млади креатори на столетието’ на Третиот светски конгрес на претприемачи во Дубровник. Ова признание го валидира извонредниот придонес на АРНО во развојот на претприемништвото во Централна и Југоисточна Европа за 2022/23 година“, велат од АРНО.
Од своето основање АРНО го менаџира натпреварот „Зелени идеи“, а во Македонија има 10 регионални победници и вкупна инвестиција од 95.000 долари за развој на зелени бизниси.
Во рамки на програмата Регионален инкубатор за социјални претприемачи (RISE) АРНО има вклучено над 70 млади луѓе во повеќе од 20 тимови, обезбедено над 300 часа обука и менторство, доделувајќи над 15.000 евра на инкубирани тимови на локално ниво, со цел поддршка за развој на социјални бизниси кај младите од земјата.
„АРНО значи ‘добро’. Овој збор нѐ води во сѐ што правиме. Секогаш сакаме да го видиме доброто во другите и сакаме да бидеме доброто во нашето општество. Пред и позади нам има многу работа. Продолжуваме со истите стратешки области-развој на зелено социјално претприемништво, инвестирање во младите, филантропијата, а ќе носиме и нови концепти (моделот на крофна(ѓеврек)економија), нови знаења и, ако ни помогнат малку локалните власти, ќе го донесеме и првиот Центар за поправка на работи (repair shop). БлагодАРНОст за сите минати и идни арнотворци, со тим на добри луѓе се прават добри работи, кои на сите ни се потребни и ги заслужуваме“, изјави Ирина Јаневска, со-основачка и претседателка на АРНО.
Посветеноста да ја инспирираат следната генерација, велат од организацијата, се рефлектира и во проектите кои вклучуват професори и средни училишта од ширум Европа.
„Благодарение на поддршката од Европската комисија организацијата има испорачано обуки за социјално претприемништво на повеќе од 350 ученици и 40 професори. Проектот „Coolinari.mk“, инициран во 2013 година, доби бројни награди и признанија за неговото влијание врз стручното образование и социјалната економија и е пример за моќта на неформалното образование врз учениците-готвачи и пекари. АРНО го поддржа и засадувањето на 100 дрвја преку еко-иницијативата ‘Боренка’. Овие дрвја го симболизираат заедничкото растење, колективните напори и неуморното вложување во правењето добри дела“, соопштуваат од АРНО.