„Апстракториум“ е новата изложба од Митко Гогов која ќе биде отворена вечерва (петок, 23 декември) во кафе бар „Нагоре“, Струмица во 21 часот.
Станува збор мултимедијална изложба составена од 12 дела создадени во процес на „action painting“, како и краткометражно видео од самиот процес на создавање на делата.
„Концептуалата како термин кај многумина предизвикува непријатно чувство. На одбивност, претенциозност, квази-артизам… донекаде и со право. Но, не е се така црно на тоа поле. Се појавува нова енергија, нова генерација на мултимедијалци-РЕКонцептуалисти кои знаат како и зошто го работат токму тоа. Митко Гогов е еден од нив. Покрај виртуелната дружба, ја имав честа да го запознаам и во живо и да поминам неколку повеќе од благопријатни денови со овој креативец од Струмица. Обрнете внимание на неговиот израз. И тоа како ќе ви се исплати трудот“, пишува за изложбата филмскиот режисер и критичар, Јане Алтипармаков.
Митко Гогов е концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија.
Тој пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји низ светот. Автор е на стихозбирките „Ледена вода“, „Скриено писмо“ и „Линијар. Бројки“. Добитник на неколку домашни и меѓународни награди и признанија. Организира културни и арт-настани, меѓу кои „100 Илјади поети за промена“, „Антево слово“, Роднокрајни поетски средби“, „Валандовско поетикување“ и многу други. Соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.
Изложбата ја организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста.
Со оваа претпразнична изложба се завршува годишниот проект на кој струмичани во текот на оваа година имаа можност да ги видат делата на Стефан Јакимовски, Кирчо Арсовски, Марија Трпеска, Виктор Јаневски, Христина Мазнеска, Миле Ничевски, годишната изложба на плакати на „100 Илјади поети за промена“ и Ѓорги Динев.