Рецептот за ѓеврек со сусам, јаболко и младо сирење на Маја Лазаревска е избран победнички на натпреварот за ѓеврек до нов вкус – „Смисли го кругот“ што се одржа вчера во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје.
„Кога го прочитав повикот сакав да си поиграм со хемијата во позадина, но да се задржат она што се основни карактеристики на ѓеврекот: богата и силна арома на сусам (затоа го потпеков дополнително, за да ја појачам аромата), крцкава надворешност и мека внатрешност. Меѓутоа го направив и со нешто што е македонска локална состојка – тетовското Делишес јаболко. Додадов и малку кремасто младо сирење за да може да се втопи полека во печењето и да стои како некој позадински вкус. Тоа ми беше идејата, ѓеврекот да остане како интересен рецепт за учениците и нов вкус за пробување“ изјави победничката Лазаревска.
Членови на жири комисијата кои ги оценуваа рецептите беа Анета Реџепагиќ – професорка по практична настава-пекар; Влатко Ѓорѓиевски-професор по практична настава-готвач, професори во СУГС „Лазар Танев“- Скопје, готвачот Антонио Ѓорѓиевски од програма „Кулинари.мк“/АРНО и претставник од донаторите-спроведувачи на проектот, Jордан Бајрактаров- комесар на Сојуз на
извидници на Македонија
Натпреварот беше отворен за сите жители од Скопски плански регион кои беа повикани да пратат рецепт во кој ѓеврекот го задржува својот кружен облик и нуди нови, локални, вкусови и текстури.
Во следната фаза од проектот, информираат од здружението за социјални иновации „Арно“, победникот од финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) од СУГС „Лазар Танев“ како се подготвува рецептот преку обуки на кои тие ќе учествуваат.
Натпреварот се спроведе во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ кој е иницијатива на „Арно“.