Слаби оценки од Европската комисија, недостиг на учебници, неизвесност од полагање државна матура, слаби оценки за учениците од ПИСА тестирањето, повисоки плати за наставниците, нов електронски дневник, пролетен распуст… Кога зборуваме за основното и за средното образование, ова се само дел од нештата кои ја одбележаа изминатата календарска 2023 година, пишува агенцијата Мета.
Резултатите за квалитетот на македонското образование, се мерат најчесто од ОЕЦД, преку меѓународните тестирања. А токму таму, нашите ученици покажуваат слаби резултати. Ова е тесно поврзано со опаѓачкиот квалитет на образованието, со опаѓачките критериуми за оценување (сè помалку е потребно да се знае за да се добие солидна оценка), но и со третманот на властите на најважниот ресор во државата – малку пари се издвојуваат за образование и не се покажува сериозност во намерите да се зајакне и унапреди она што вреди.
Слаба оценка од ЕК за системот
Неодамна стасаа оценките за образовниот систем од Европската комисија, за земјава. Во извештајот беше наведено дека Македонија е „умерено подготвена“ во областа на образованието и културата. Бил постигнат „ограничен напредок“ во воведувањето на насоки и програми за зајакнување на инклузивноста, а имплементацијата на Стратегијата за образование 2018-2025 продолжила да биде бавна. Во извештајот стои дека не се добро дефинирани механизмите за следење на Стратегијата за образование 2018-2025, документот со кој се уредува образовниот сектор, а освен тоа, на државата ѝ се забележува дека Законот за образование на возрасни не е донесен.
Имавме забелешка и за буџетот кој државата го издвојува за образование. Јавната потрошувачка за образование и обука благо се намалила на 3,71% од БДП во 2022 година (3,98% во 2021 година), што е сè уште далеку под просекот на ЕУ, кој изнесува 5%.
„Двојче“ на стаклени нозе од ПИСА
По извештајот на ЕК, следуваа оценките/резултатите од ПИСА меѓународното тестирање. Македонските ученици беа повторно меѓу последните од осумдесетина рангирани држави според најновите резултати од ПИСА тестирањето. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, Македонија беше на 61 место според резултатите по математика, со постигнати 389 поени. При мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, со постигнати 359 поени, рангирани бевме на 71 место. По природни науки, пак, нашите ученици освоиле 380 поени, што ја рангира државата на 68 место. Во постигањата по математика, нашите ученици се блиску во знаењата со учениците во Тајланд, Перу, Саудиска Арабија, Коста Рика. Во читање со разбирање друштво ни прават Индонезија и Албанија, а во природни науки, речиси ист број на поени нашите ученици освоиле со оние од Грузија, Азербејџан, Албанија.
Минус и за министерот Шаќири
Годинава ќе биде запаметена и по фактот дека министерот Јетон Шаќири е првиот министер за образование и наука, доби тужба од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи не успеа да обезбеди учебници за сите ученици на 1 септември. На почетокот на учебната година имаше сериозен недостиг на учебници, односно недостасуваше повеќе од една третина од учебниците, во различни одделенија. Во бројки, од вкупно 123 потребни учебници, недостасуваа 46.
Неисвесност околу полагањето матура
Во мај годинава неизвесно беше дали матурантите ќе полагаат државна матура. Вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ, институцијата која го организира целиот процес), штрајкуваа поради ниските плати. Во последен момент тие одлучија да седнат и да ја организираат и реализираат државната матура, за да не излезат токму учениците колатерална штета и да можат да се запишат на факултет, со оглед на тоа дека матурата е услов за упис на факултет.
Е-дневник од кој не боли глава
Годинава МОН најави нов, унапреден електронски дневник, по многуте проблеми кои ги предизвикуваше стариот електронски дневник. Надлежните уверуваа дека наставниците нема повеќе да ги боли глава при внесувањето податоци. Ветуваа софтверското решение со единствена база на податоци и централна администрација, заедно со вградените оптимизации, кои треба да ги решат техничките проблеми со внесот на податоците. Дали е добро решението, најдобро ќе се види во јуни, кога над 20.000 наставници во државата, речиси во исто време ќе треба да го пополнуваат е-дневникот.
Пролетен распуст
Годинава, за прв пат надлежните одлучија во образованието да се воведе пролетен распуст за учениците и наставниците во траење од една недела. Распустот ќе трае од 29 април до 5 мај, а учебната година ќе заврши на 17 јуни.
Сѐ на сѐ, ако минатата година очекувањата беа дека после сите дојави за бомби и загубени часови и настава, нештата ќе тргнат кон подобро, сепак, тоа годинава не се случи. Образованието и натаму останува да е кревко во смисла на квалитет и ресор кој не го добива вистински третманот кој му е неопходен.