МОН објави нов повик за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање

Министерството за образование и наука (МОН) денес објави нов повик за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање, а кои не го оствариле правото на ваучер за превоз на првиот повик.

Пријавувањето се врши електронски на платформата https://e-uslugi.mon.gov.mk/. При пријавувањето, кандидатите во апликацијата треба да ги пополнат податоците во пријавата за стекнување на финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање (нема образец за пријава туку се пополнува директно апликацијата) како и да ја штиклираат изјавата за давање на согласност за обработка на личните податоци на студентот за финансиска поддршка на студенти, кои живеат надвор од местото на студирање.

  • Исто така со апликацијата треба да се прикачат и следните документи:
  • Потврда за редовен студент на државен универзитет;
  • Уверение за државјанство;
  • Лична карта или друг документ за идентификација;
  • Трансакциска сметка;
  • Доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање.

МОН информира дека финансиската поддршка за корисниците е во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.

Рокот за пријавување за редовните студенти трае 7 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, односно до 11 јануари оваа година.

Повеќе информации се достапни на овој линк.