Првата индиска мисија за набљудување на Сонцето за неколку часа треба да стигне до својата финална дестинација, пишува „Би-Би-Си“.
Индиската вселенска агенција денес ќе се обиде сателитот Адитија-Л1 да го постави на место во вселената од каде ќе може континуирано да го набљудува Сонцето.
Адитија-Л1 патува кон Сонцето четири месеци откако беше лансиран на 2 септември 2023 година. Тоа се случи само неколку дена откако Индија стана првата земја што успеа да слета во близина на јужниот пол на Месечината.
Првата индиска мисија за проучување на најголемиот објект во Сончевиот систем е именувана по Сурија – индискиот бог на сонцето исто така познат како Адитија. „Л1“ ја означува Лагранж 1 – точката меѓу Сонцето и Земјата кон која се движи сателитот.
Според Европската вселенска агенција, Лагранж 1 е точката каде гравитационите сили од двата големи објекти како што се Сонцето и Земјата се поништуваат дозволувајќи му на леталото да „лебди“. Таа се наоѓа на 1,5 милиони километри оддалеченост од Земјата, што е 1% од растојанието Земја-Сонце.
Индиската вселенска агенција неодамна изјави дека леталото веќе поминало поголем дел од растојанието. Оттаму за „Би-Би-Си“ кажаа дека последниот маневар ќе се изврши во сабота (денес) околу 16 часот по индиско време.