Социјалниот центар „Дуња“ од 11 до 14 јануари организира низа најразлични едукативни и социјални настани.
„Со возбуда и радост објавуваме дека во Новата година ни се придружуваат соборци од регионот, но и од подалеку, за низа едукативни и социјални настани! Важно е да се запамети дека борбата за слободно општество ги надминува националните и државните граници и затоа е задолжително да учиме заедно со нашите другари од преку границите. Треба да се запознаеме со тактиките, успесите и неуспесите на ослободителните движења ширум светот“, стои во најавата на „Дуња“.
Програмата започнува во четврток од 19 часот со проекција на палестинскиот филм „5 скршени камери“, по која ќе следува дискусија за анархистичкиот/комунистичкиот одговор на империјализмот.
За во петок од 19 часот е најавена Хаклаб презентација за слободен софтвер, а од 21 часот, концерти на Клапа Онзик и Гиви.
Веќе во сабота на пладне е најавена солидарна кујна, односно заедничко готвење и дискусија. Потоа, во 17 часот е предвидена размена на книги и облека од Второ Азно, а вечерта од 20 часот забава за Стара нова година.
Низата настани ќе бидат заокружени во недела од 12 часот кога е најавена работилница за крафт пиво.
Социјалниот центар се наоѓа на улицата Рајко Жинзифов 22 во Скопје, наспроти Архитектонскиот факултет.