Во петок (12 јануари) од 20 часот започнува традиционалниот Вевчански карневал кој претставува едно од главните обележја на Македонија за празникот Св. Василиј, односно Василица.
„Со векови наназад се провлекува ова чествување на празникот каде Вевчанци се маскираат во очи на дочекот на Нова година по стариот календар. Покрај традиционалните маски на Глупи Август, зетот и невестата секоја година се наоѓаат маски кои директно ја исмеваат или презентираат дадената ситуација или личност која ја одбележаа минатата година“, посочија организаторите на денешната прес-конференција во Скопје.
Вевчанскиот карневал кој трае од 12 до 14 јануари вклучува и музичка програма, а организаторите посочија дека за време на карневалските денови ќе настапат „Јанг Дади“, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Наум Петрески со Фолк мерак Лајф, како и локалните музичари Перо Бели и Коки Биоритам, но и Оркестарот со зурли и тапани – Вевчани.
„Сето ова е само надополнување на главниот настан на карневалот, дефилето на маските кое се случува на 13-ти јануари во попладневните часови. Тогаш цело Вевчани станува еден голем театар на отворено и сета енергија на василичарите се впива во преубава атмосфера“, велат организаторите.
Карневалот завршува на 14 јануари каде со василичарско оро и палење на маските се става крај на настанот кој се организира со векови.