[Обновено] Владата ги предложи Хекуран Асани и Милан Кораќ за нови директори на Македонска навигација

Извршниот директор и член на Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски да се разрешат, а на нивно место да дојдат Хекуран Асани и Милан Кораќ, ќе му предложи Владата на Надзорниот одбор на М-НАВ.

Во меѓувреме, Хасим Деари останува на својата позиција како директор.

Медиумите претходно објавија дека за нов извршен директор од владата го предлагаат Илир Мемеди, но дека потоа ваквата одлука била повлечена.

Препораката на Владата доаѓа по инцидентот од минатата недела кога осум лица упаднаа во канцелариите на М-НАВ на аеродромот во Скопје.

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски претходно посочи дека доколку не бидат разрешени директорите на М-НАВ, Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје. Синдикатот сега, како што наведе Гласот на Америка на македонски јазик го става најавениот штрајк во мирување.

Владата претходно посочи дека ќе предложи и ќе донесе одлука за разрешување на целото раководство и сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.

Денеска во М-НАВ влегоа инспектори од Управата за финансиска полиција каде што се вршат проверки на целокупното финансиско работење на ова акционерско друштво.

Инаку, за инцидентот, Основното јавно обвинителство претходно отвори истражна постапка против осум лица кои се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Упадот во М-НАВ се случи на 4 јануари, непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, на која информираше дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.