Од организацијата „Гоу Грин“ (Go Green) здружени со „02 Иницијатива“ информираат дека до Собранието со скратена постапка се доставени 4 предлог-измени во законите за отпад, па дека тие се предлагаат експресно брзо, без консултација и е клучно што поскоро да се реагира во јавност. Истовремено прашуваат: До кога ќе им се олеснува на загадувачите?
Во меѓувреме, велат тие, ќе соберат поддршка и од другите граѓански и еколошки организации и будно ќе ги следат седниците на Собрание наредниов период.
Нивната реакција ја пренесуваме во целост:
1.Предлог на закон за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема
[Иницијатива на ДУИ] Со овие измени се предвидуваат поместувања на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 год. за 65% од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50% и дополнителни 30%, односно 10% зависно од категоријата на производот.
Со ова сметаме дека нема да се овозможи адекватно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за скоро 15 години соодветното собирање на овој отпад.
2.Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад
[Иницијатива на ЛДП] Со дел од предлог измените ќе се создаде монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи. Можно е да се предизвика цепкањe на пазарот и појава на нестабилни (фантом) правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе егзистираат неколку години и ќе го нарушат пазарот и предизвикаат нелојална конкуренција и ќе го отежнат процесот на имплементација на воспоставување на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад.
3.Предлог на закон за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад
[Иницијатива на МЖСПП] На барање на компаниите кои пуштаат масла на пазарот и со измената се намалува надоместокот за управување со отпадните масла за 50%. Предложената промена на надоместокот (намалување за 50%), значи многу помалку средства за поставување на системот, кој има голем ризик да не биде функционален и да не се исполнат целите. Тоа значи дека ќе продолжи отпадното масло да се отстранува неправилно, неорганизирано, да се користи за греење, горење односно нема да се намали значително негативното влијание врз животната средина.
4.Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот
[Иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ] Се предвидува поместување на роковите за 3 години за носење на Правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад и за 3.5-4 години за усогласување на други закони во врска со надлежностите на Регулаторна комисија. Роковите беа пробиени одамна и редно е да се донесе и Правилникот и усогласувањата без одлагање.
Каде е проблемот?
Моменталната законска регулатива, донесена во септември 2021 година (која е усогласена со законодавството на ЕУ во областа на управувањето со отпад) беше поздравена како успшена и реална. Притисокот е сега, бидејќи после 3 години дојде време за имплементација на одредени членови на законите кои на одредени страни не им одговара. Проблемот лежи во тоа што овие измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите.
Што бараме?
Бараме од поднесителите на предлог-измените да ги повлечат своите предлози час поскоро, а сите измени да бидат консултитрани и со граѓанскиот сектор. Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани.
Со почит,
О2 Иницијатива
Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје