Поради трагедијата која се случи во раните утрински часови каде загина 19-годишен вевчанец, музичката програма од Вевчанскиот карневал предвидена за денеска се откажува.
Од „Вевчански карневал“ велат дека во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донесе одлука, заради продолжување на традицијата, да се одржат традиционалните адети.
„Поворката и дефилето ќе се случат во предвиденото време, но со намален интензитет без музика и оро, со едноминутно молчење на централното случување“, соопштуваат организаторите на карневалот.
За откажувањето на музичкиот дел дел потврдија и градоначалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, кои изразија жал за немилион настан и сочувство до семејството на загинатиот.
МВР трагедијата претходно ја потврди во својот билтен.
„Рано утрото околу 01.20 часот, во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, патничко моторно возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од М.М. (19) од Вевчани излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Струга“, стои во билтенот на МВР.