На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на вестите од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…
[Галерија] Вевчанци ги покажаа овогодишните маски на традиционалниот карневал
Стотици граѓани продефилираа низ Вевчани и ги презентираа своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации на традиционалниот Вевчански карневал, кој се организира за празникот Св. Василиј, односно Василица.
Карневалот денеска се одржа под различни услови, со помалку маски и помалку публика за разлика од минатите години поради трагедијата која се случи во раните утрински часови каде загина 19-годишен вевчанец.
[Галерија] Вевчанци ги покажаа овогодишните маски на традиционалниот карневал
Во „Котур“ на 16 јануари од 21 часот ќе се случи концертна промоција на деби албумот (ЦД) на составот „Строг пост“, кој воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома“.
Пред да се случи промоцијата и музичките истражувачи да го чујат парчето на „Строг пост“, Букршлиев за Радио МОФ одговара на прашања за самиот состав и албумот. Исто и за домашниот културен проток, мачките, чудесноста и апсурдноста на постоењето… и се’ попатно.
Платформата на граѓански организации против корупцијата побаара институциите во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во Македонската навигација (М-НАВ), кој се случи на 4 јануари.
Од Платформата се децидни дека треба да бидат заштитени сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата.
После шест години ветувања, конечно се отвори Поликлиниката во Сарај
После долги години ветувања и надминување на неколку рокови, конечно се отвори Поликлиниката во Сарај.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денес на отворањето рече дека станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, а во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пунктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија. Поликлиниката е наменета за над 20 населени места на Општина Сарај, кои опфаќаат околу 45 илјади жители и кои досега немаа поликлиника на територијата на својата општина и беа принудени да најдат други алтернативи за здравствени услуги.
После шест години ветувања, конечно се отвори Поликлиниката во Сарај
#НизТвојотОбјектив – „Животот на тоалетите“ од Бојан Шашевски
Во рубриката #НизТвојотОбјектив ви го претставивме „Животот на тоалетите“ низ фото-апаратот на Бојан Шашевски.
Станува збор за циклус телефонски фотографии од Шашевски кој е новинар и понекогаш културен хроничар.
„Тие што добро ме знаат, знаат дека веќе подолго време фотографирам тоалети. Спонтано. Моментално. Насекаде, без заддршка. Само вадам телефонот и фотографирам. Затоа што тоалетите се полни со живот. Содржат елементи на интровертна, искрена уметничка побуда. Тие се и јавни галерии и инсталации. Тие се место и за себе-промоција. Тие се место и за олеснување, освестување, ама и за самореализирање. Утробата на тоалетите е важна социјална и културна архива! Наскоро од ‘Животот на тоалетите’ ќе бидне и изложба!“, вели тој.
#НизТвојотОбјектив – „Животот на тоалетите“ од Бојан Шашевски
+Бонус
#РаскажиМи: „Безбојна надеж“ од Маја Јовановска Вулф
Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читавме краткиот расказ „Безбојна надеж“ од Маја Јовановска Вулф.
Безбојна надеж
Црнило. Бескрајно црнило кое беше распространето насекаде околу мене и кое ме обземаше целосно. Секоја ќелија од моето битие пловеше во безизлезна црна дупка. Често мислев дека сонувам, па со огромен напор ги отворав очите, надевајќи се дека црнилото ќе исчезне, дека утринското сонце ќе ме погали со нежните зраци. Но залудно. Црнилото беше, се чини, сеприсутно. Мојот најверен пријател кој никогаш не ме напушташе, а истовремено и мојот душман. Бев навикната на темнината, па секој ден го поминував во мојата темна соба.