Учебната година за средношколците ќе трае до 10, а за основците до 17 јуни, а не според првичниот календар за организација на наставата според кој, и за учениците во основно и за тие во средно учебната година требаше да заврши на 17 јуни. Промената на датумот, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конфереција, е согласно барањето на Сојузот на средношколци.
„Имавме комуникација со Сојузот и тие побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни. Тоа го дозволуваше Законот и ние тука постапивме“, рече Шаќири кој објасни дека си Законот за основно образование се одредува колку работни денови треба да има во второто полугодие, додека во Законот за средно образование нема таква одредба.
На новинарско прашање за одработување на двата изборни денови, 24 април (претседателски избори) и 8 мај (парламентарни избори) кои се работни денови, министерот рече дека допрва ќе разгледаат како да се надомести наставата.
„За тоа како ќе се постапи, дали дополнително да се одработат или дали ќе се разгледа некоја друга можност ќе известиме дополнително кога ќе има владина одлука за тоа“, рече Шаќири.
Одлуката на МОН за пролетниот распуст останува на сила и тој ќе се одржи од 29 април до 6 мај. Инаку, во ноември лани Сојузот на средношколци имаше предлог наместо пролетен распуст, матурантите да добијат недела подготовка за матура, но тоа и натаму останува само предлог.
Наместо пролетен распуст, недела за подготовка за Државна матура, предлага Сојузот на средношколци