Управниот суд му ги врати надлежностите на СОУ „Кирил Пејчиновиќ“ на градоначалникот Касами

Управниот суд на Република Северна Македонија му ги врати општите надлежности за тетовското средно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ на градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, кои му беа одземени од Министерството за образование и наука (МОН) во јули 2023 година. Ова денеска го соопштија од Секторот за образование при општина Тетово, објавувајќи ја за јавноста одлуката на судот, пишува Порталб.мк, пренесува Новинската агенција Мета.

Валедин Адеми, раководител на Секторот за образование во општина Тетово, објасни дека Управниот суд во пресудата утврдил дека Министерството за образование и наука постапило спротивно на Законот за средно образование.

„Министерството за образование и наука донело целосно неправилна и незаконска одлука за одземање на надлежностите на градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и Министерството за образование и наука воопшто не пристапило кон проверка на фактите и доказите кои би биле основа за донесување на одлуката со која се одземени надлежностите на градоначалникот во однос на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ““, рече Адеми.

Тој додаде дека Управниот суд ја оценил законитоста на оспорената одлука за одземање на надлежностите на градоначалникот на општина Тетово и во својата пресуда јасно и недвосмислено нагласил дека Министерството за образование и наука ги прекршило одредбите од Законот за средно образование и оти е утврдено дека фактичката состојба е нецелосна и неточна, но и дека е постапено на штета на општина Тетово.

„Со оваа одлука на Управниот суд, надлежностите околу општото функционирање на средното општинско училиште „Кирил Пејчиновиќ“ му се враќаат на градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами“, рече Адеми.

Целосната одлука може да ја видите подолу.

Тие побараа од Министерството за образование и наука да ги надомести буџетските средства за периодот од јануари 2024 година до јули 2024 година.

„Кога ни ги испратија буџетските средства за 2024 година за средните училишта, ни испратија помалку средства за гимназијата. Ние се обративме со допис до Министерството за образование и наука околу тоа зошто ни недостасуваат средства, нивниот одговор беше дека до месец јули Министерството за образование ги имало надлежностите за гимназијата заедно со буџетските средства. Од моментот кога ни се вратени надлежностите, нас ни следуваат и средствата“, рече Адеми.

Прашан од Порталб.мк околу тоа дали им се вратени и надлежностите за именување и разрешување на директори, Адеми објасни дека со ова решение на градоначалникот на општина Тетово му е вратена и оваа надлежност.

Порталб.мк праша дали по оваа одлука ќе биде разрешена директорката на гимназијата, а на оваа прашање Адеми одговори вака:

„Ова што се случи е една многу голема победа, ние како Општина Тетово ќе ја почитуваме предлог одлуката на училишниот совет кој е најголемото одлучувачко тело во таа институција“, рече Адеми.

Министерот за образование Јетон Шаќири, на прашањето за ваквата одлука на Управниот суд рече дека за секое понатамошно постапување, било тоа и законско, за одлуката на Управниот суд треба да се види правната основа, било тоа за жалбена мерка или за кој било друг правен елемент.

„Независно од одземањето на надлежностите, СОУ „Кирил Пејчиновиќ“ има именуван директор и согласно Законот за средни училишта секое именување и разрешување мора да се врши согласно Законот за средно образование… Ова е конечната одлука на Управниот суд, секое друго правно постапување ќе зависи од дејствијата што ќе ги преземе или општина Тетово или раководството на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ““, рече Шаќири.

Проблемот со надлежностите датира уште од мај 2022 година кога директорката на СОУ „Кирил Пејчиновиќ“, Теута Љала, беше разрешена од директорската функција од страна на општина Тетово. Разрешувањето на Љала, според Државниот инспекторат за образование, било направено спротивно на законот. По ова, Министерството за образование и наука му ги одзеде надлежностите на градоначалникот на општина Тетово за именување и разрешување на директор во оваа училиште, со што Љала беше вратена на директорската функција.

Инаку, во јули 2023 година МОН за оваа гимназија и ги одзеде на општина Тетово не само надлежностите за именување и разрешување на директор, туку и надлежностите за општи работи. Како резултат на одземањето на надлежностите и конфузијата околу тоа кој е на чело на училиштето, гимназијата неколку пати остана без електрична енергија.

Мета