Документарно-репортажниот филм „До кога?“ е изработен во рамки на локалната кампања „Тетово – еден град за сите”, со цел да ги афирмира заедничките потреби на граѓаните од Тетово, без разлика на нивната етничка, религиозна, политичка или друга припадност.
Низ краткометражниот филм се прикажани проблемите со водоснабдувањето, кучињата скитници, паркинг просторот, сообраќајниот метеж и нечистотијата во градот. Покрај граѓаните на Тетово, во филмот се интервјуирани и претставници од локалните институции кои се одговорни за решавање на проблемите во општината.
Режисер на филмот е Глигор Кондовски, а во негова реализација учествуваа и Тоде Секуловски, Елена Мишевска, Магдалена Новеска и Игор Стаменковски, членови на Медиа/Арт клубот при Младински образовен форум во Тетово.
Локалната кампања се спроведува во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразувањето”, поддржан од ЕУ преку европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младински образовен форум.