Скопскиот средношколски бенд „Црно собрание“ ќе одржи концерт во петок (26 јануари) во културниот центар „Лабораториум“.
Бендот доаѓа од гимназијата „Никола Карев“, а досега покрај неколку настапи во Скопје има настапено и во Белград, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија“.
Концертот е дел од серијата настани кои ги организира „Силата ЕУ Младите“ – нова платформа за промоција на квалитетни, автохтони младински движења, сцени и поединци.
Платформата својот втор настан го организира во сабота (27 јануари) кога во соработка со урбаниот „ОВЦ Колектив“ ќе се реализира дневна клупска забава со четири диџеи од колективот.
Идејата на платформата е да опфати различни формати на целовечерни и дневни музички настани во чии рамки преку серија на концерти, клупски вечери и специјализирани диџеј сесии ќе се направи пресек на младинската музичка сцена и нејзините придвижувачи во полето на современата рок, поп и електронска музика. За понатаму, велат дека се предвидени и меѓународни гостувања од Србија и Англија.
„Платформата ги препознава прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера ги носат и промовираат напредните вредности. Младите се денес граѓани на светот, кои својот профил го градат преку образование, комуникација и соработка во локален, европски, но и глобален контекст. Соочени со предизвикот на непостоење соодветна средина за развој, подобар квалитет на живот и актуализација на вредностите кои тие ги застапуваат, ‘Силата ЕУ Младите’ делува во насока на создавање на услови во кои младите се вреднуваат, напредуваат и се мотивирани да останат да живеат во земјата.
Основачи на платформата се здружението Крај вардарот и издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“. Платформата ќе понуди две нови музички изданија за ПМГ Рекордингс. „Поп Култура“ е албум-компилација која ќе излезе на винил и која преставува пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Од платформата информираат дека свој прв аудио запис како дигитално издание ќе добие и „Црно Собрание“.
Платформата цели да биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генарациска, креативна и конструктивна соработка, во правец на подигање на квалитетот на животот на младите, преку нивно динамично ангажирање во областа на културата и уметноста.