[Став] Одржливи услуги во локалната заедница за помош и поддршка во борбата со родово базирано насилство

Марија Камчева

Родово-базирано насилство во сите негови форми претставува повреда на основните човекови права и форма на дискриминација. Во Северна Македонија речиси половина од жените (45%) доживеале некаква форма на насилство од интимен партнер (физичко, сексуално или психолошко).

Според статистиките на Обидинетите нации, во светски рамки, една од три жени и девојчиња е погодена од насилство, а секоја втора жена е жртва на психолошко насилство.

Согласно статистичките податоци 93% од пријавените и од осудените сторители на кривични дела при вршење на семејно насилство се мажи, а 82% од жртвите се жени.

Насилството е една од најраспространетите повреди на човековите права, кое се случува секој ден, повеќепати, насекаде низ светот. Насилството остава сериозни, краткорочни и долгорочни физички, економски и психолошки последици врз жртвите, спречувајќи го нивното целосно и еднакво учество во општеството.

Интернет или дигитално насилство

Интернет или дигитално насилство се однесува на секое дело на насилство кое е сторено, потпомогнато или отежнато со употреба на информатичка и комуникациска технологија (мобилни телефони, интернет, социјални медиуми, компјутерски игри, тестуални пораки, е-пошта) врз жена поради тоа што е жена. Насилството преку интернет може да вклучува:

Интернет- малтретирање кое вклучува испаќање на застрашувачки или заканувачки пораки

Неконсензуален секстинг – вклучува испраќање експлицитни пораки или фотографии без согласност на примателот

Доксингот вклучува јавно објавување на приватни податоци или подтоци кои би можеле да ја идентификуваат жртвата.

Загрижува фактот што барањето на институционална заштита го зголемува ризикот за нови насилства, што влијае на стапката на пријавени и процесирани случаи.

Државата се грижи за заштита на жените од родово базирано насилство и семејно насилство. Надлежни за спроведување на Законот за спречување насилство врз жени и семејно насилство се сите органи на државната управа, судовите, јавното обвинителство, единиците на локална самоуправа и правните лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон. Законот предвидува институционална и мултисекторска соработка за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од родовобазирано насилство врз жени и семејно насилство. Интернет-насилството е нова форма на насилство што најчесто се јавува меѓу тинејџерите, но присутно е и кај возрасните. Интернет-насилството се јавува на социјалните мрежи при користење на новата технологијата, а вклучува навредување, потсмевање или омаловажување на други индивидуи и / или групи.

Искуствата на жртвите од локалната заедница на кои им се обезбедува бесплатна правна помош и други услугии, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Честопати, жените жртви на родово-базирано насилство се соочуваат со несоодветен одговор од страна на институциите, како што е тактиката на непостапување, неверување и релативизирање на искуствата на жртвите, поради што жртвите не и веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно. Изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави, како и несоодветно спроведување на забраните за прближување и контактирање на жртвите резултира со континуирано, засилено насилство, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во одреден број на случаи дури и смрт.

Во однос на обвинителствата постојано забележување ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воошто необезбедување на релевантни докази како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.  Сите овие институционални пропусти станаа уште повидливи со појавата на вознемирување во дигиталната сфера, кое иако се случува масовно и брои илјадници жртви, не добива соодветен институционален одговор, ниту пак соодветна јавна поддршка. Молкот на институциите дополнително го охрабрува функционирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор,  а жртвите и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје.

Основна задача на истражувањето е да ја прикаже фактичката состојба на родово базираното насилство и да понуди препораки со цел унапредување на системот за заштита, поддршка и помош на жртвите на локално ниво. Согласно Истанбулската конвенција која претставува фундаментален принцип на кој треба да се темелат сите мерки за спречување на насилство кое го презема државата, таа исто така е насочена за  спречување, заштита и превенција на жртвите на насилство  како и спроведување на обврските на сите релевантни институции за изнаоѓање на начини и механизми за спречување на насилството.  Согласно Законот за социјална заштита, надлежностите на локалните самоуправи се однесуваат во спроведување на социјална превенција и препознавање на жртвите на родово базирано насилтво како лица во социјален ризик и корисници на социјална заштита. Општината е должна и има обврска да спроведува социјална превенција и превенција на родово базирано и семејно насилство.

Бројот на специјализирани сервиси за родово базирано насилство е многу мал, а стандардите на ратификуваната Конвенција за спречување борба против насилство врз жените и домашното насилство се далеку од остварени. Родово базираното насилство не може да се надмине без сеопфатен и мултисекотрски пристап. Законот дава можност општините да обезбедуваат социјални услуги преку основање установи за социјална заштита, или пак да делегираат надлежност на здруженија и други правни и физички лица.

Законот за социјална заштита обезбедува правна основа за воспоставување и финансирање на специјализираните сервиси за жртви на родово базирано насилство и им дава можност на здруженијата на граѓани да бидат даватели на социјални услуги и ја дефинира надлежноста на локалната самоуправа за обезбедување на финансиски средства со цел финансирање на социјални услуги на лиценцирани здруженија.

Улогата на локалната самоуправа во воспоставување на услуги 

Голема е важноста од активно вклучување на локалната самоуправа не само во превенцијата и подигнување на свеста, туку и во воспоставување на специјализирани услуги за помош и поддршка преку блиска соработка со граѓанските организации.

Примери за добра пракса  за специјализирани  сервиси за родово базирано насилство во Тиквешкиот регион и пример за меѓуопштинска соработка е отворањето на Регионалниот советувалишен центар за жени и деца жртви на насилство.

Во 2022 година општина Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија преку меморандум за меѓуопштинска соработка воспоставија нова специјализирана услуга за родово базирано насилство, а тое а воспоставување на Регионален сетувалишен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано насилство.Советувалишниот центар е отворен на иницијатива на здружениото за родова еднаквост од Кавадарци ,,Визија” а финансиски поддржан од четирите општини кои се вклучени во процесот на воспоставување на услугата.

Процесот на воспоставување согласно стандардите на Министерството за труд и социјална политика е одговорност на локалната женска организација ,,Визија” под менторство на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Регионалниот советувалишен центар нуди услуги за жени и деца кои преживеале некаква форма на родово базирано насилство, односно ангажиран е тим од социјална работничка, правничка, психотерапевтка и кариерна советничка. Обезбедена е помош и поддршка за остварување на права од социјална заштита, бесплатна правна помоп и адвокатско застапување на судски постапки поврзани со преживеаното насилство, континуирано и долготрајно психолошко советување и психотерапија за жените и нивните деца, како и кариерно советување и помош при вработување. Истото е достапно и за жени со попреченост.

Состојбата со семејното насилство во Тиквешкиот регион

Во општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија живеат вкупно 66.245 жители. Во овој регион има два меѓуопштински центри за социјална работа во Кавадарци и Неготино.

ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Кавадарци според податоците за 2020, 2021 и 2022 година евидентирани се вкупно 30 случаи на семејно насилство од кои 21 жена жртва, а возрасната граница се движи од 7 до 72 години.

Општина Кавадарци не води посебна евиденција за состојбата со насилството врз жени и семејно насилство, а информациите ги добива од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа. ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Кавадарци во кој се евидентираат и податоци за општина Росоман според добиените податоци за 2020, 2021 и 2022 година, регистрирани се вклупно 100 случаи на семејно насилство, од кои се евидентирани 86 жени жртви (86%). Возрасната граница на жртвите се движи од 7 до 75 години. Во овој период изречени се вкупно 25 привремени мерки за заштита од насилство преку испратени предлози од Основен Суд Кавадарци.

ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Неготино во кој се евидентираат и податоците за Општина Демир Капија, за 2020, 2021 и 2022 година евидентирани се вкупно 30 случаи на семејно насилство, од кои 21 се жени жртви (70%). За овој период се вкупно изречени 42 привремени мерки за заштита од насилство преку испратени предлози од Основен суд Неготино.

Достапност на специјализирани услуги за поддршка на жртвите на семејно насилство во општините во Тиквешкиот регион

Во општините кои спаѓаат во Тиквешкиот регион (Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија), нема ниту едно засолниште/центар за згрижување на жртви на насилство. Согласно стандардите на Совет на Европа на кои се повикува Истанбулската Конвенција, треба да биде достапно едно место на 10.000 жители, односно во Тиквешкиот регион треба да има центар за згрижување со најмалку 7 семејни места.

Постојат две советувалишта за работа со жртви на родово базирано насилство и нивните деца. Едното е раководен од ЈУ Меѓуопштински центар Кавадарци, а второто е раководено од локална организација Визија со финансиска поддршка од општините во регионот

Советувалишен центар

Советувалишниот центар е прв сервис од ваков тип во Тиквешкиот регион.  Во рамки на советувалишниот центар се обезбедува психо-социјална помош и поддршка, психолошко и психотерапевтско советување и третман и правно советување. Услугите се бесплатни за сите кориснички и нивните деца. Во склоп на советувалишниот центар, во истата просторија и истиот менаџмент е и женскиот центар за поддршка а тоа значи дека тоа е центар каде е обезбедуваат бесплатни и доверливи услуги за помош и поддршка на жени и деца кои се справуваат со било која форма на родово базирано и семејно насилство, без разлика дали насилството се случува во моментот кога жената бара помош или пак се селучило во минатото, но оставило последици и предизвици со кои жената тековно се справува. Тимот на женскиот центар се состои од социјална работничка, правна советничка, психолог и кариерна советничка. Женскиот центар обезбедува:

  • Советување за остварување на социјални права
  • Псохолошко советување и психотерапија, правна помош и поддршка
  • Упратување и придружување до институции и други организации
  • Кариерно советување и менторска поддршка за економско јакнење

Со овој женски центар раководи Националната мрежа против насилство врз жените и семјно насилство.

Подрачната единица на Министерството за правда дава бесплатна правна помош

Граѓаните кои се жртви на родово базирано насилство можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството. Согласно правилникот овој тип на услуга вклучува давање на примарна и секундарна правна помош. Според кварталните ивештаи кои ги испраќаат во Министерството за правда има евидентирано само случаи за бракоразводни постапки и доделување издршка за деца, а другите случаи се водат како примарна и секундарна дадена правна помош.

Според регистерот на адвокати кои даваат бесплатна правна помош во Кавадрци од вкупно 17 адвокати, само еден е регистриран за давање бесплатна правна помош, а во Неготино од вкупно 4 адвокати, нема ниту еден кој дава БПП.

Во Тиквешкиот регион нема воспоставено СОС линија која обезбедува 24/7 која е достапна за пријавување на родово базирано или било какво насилство, но достапен е call- центарот на општина Кавадарци 24/7 на телефонскиот број 13 300 за било какво пријавување и упатување до релевантна институција за која има потреба жртвата.

Анализирајќи ја состојбата на Тиквешкиот регион и разговарајќи со претставници од релевантните институции и претставници од здружението за родова еднаквост ,,Визија” податоците покажувааат дека недостасуваат специјализирани услуги во локалната заедница за справување со проблемот на родово базирано насилство.

Препораки

  • Водење на регистар и евиденција на жртвите на родово базирано насилство од сите релевантни институции со цел да се преземат потребните мерки и активности за имплементирање на законски решенија.
  • Подигнување на свеста на локално то население за можноста за услугите за помош и поддршка на жртви на родово базирано насилство.
  • Охрабрување на локалното население за пријавување на родово базирано насилство.
  • Воведување на нова услуга во локалната заедница- воспоставување на шелтер центар за жртви на родово базирано насилство.
  • Отворање на засолниште-центар за згрижување на жртви на сексуално насилство и силување.
  • Подобрување на видливоста на специјализираните услуги за помош и поддршка на жртви на родово базирано насилство.
  • Зголемување на финансиската поддршка од страна на локалната самоуправа и центарот за социјални работи за жртви на семејно насилство.
  • Подобрување на програмите за социјална заштита во локалните институции, со афирмативни мерки за намалување на родово базираното и дигиталното насилство.
  • Подобрено функционирање на Советите за социјална заштита и спроведување на активности за превенирање на родово базираното насилство/
  • Почесто организирање на обуки во регионот за родово базирано насилство.
  • Предвидување на буџетски алокации за обезбедување на одржливост на Регионалниот советувалишен центар за жртви на родово базирано насилство и останатите тела кои се занимаваат со ваков тип на жртви.
  • Развивање на програма или стартегија за превенција и спречување на насилство во соработка со граѓанските организации кои работат со такви целни групи.

* Овој есеј/напис е дел од Публикацијата: Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт објавена од Мрежа Стела во рамки на проектот „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот” поддржан од Швајцарската Влада во Република Северна Македонија.

 ** Марија Камчева е  дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и македонска книжевност со јужнословенски книжевности. Вработена во општина Кавадарци и е номинирана за координаторка за еднакви можности на општина Кавадарци.  Се залага за родова еднаквост помеѓу мажите и жените во локалната заедница и регионот, за спречување на родово базирано насилство и зајакнување на женското претприемништво. 

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.