После три месеци од издавањето, уште е важечко криминалното позитивно конзерваторско мислење издадено од бивш директор кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение и ниту една институција не постапува по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно, реагираат од еко-организацијата „О2 Иницијатива“ за парцелата кај Воена болница во скопската општина Карпош.
Од таму велат дека не смее со непостапување да се аминува криминалот кој постојано ни се случува.
„Бараме правда веднаш! Бараме Министерството за култура итно да постапи по нашата претставка поднесена пред повеќе од два месеци, лани на 28 ноември, за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8 ноември 2023 и по нашиот предлог поднесен на 12 декември 2023 за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење кое е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот на згради П+1, П+10, П+16+Пк и П+17+Пк со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила“, велат еко-активистите.
Бараат Управниот одбор на НУ Конзерваторски центар – Скопје ургентно да постапи по нивниот предлог за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење.
„Бараме сегашната директорка на Национална Установа Конзерваторски Центар – Скопје, Љиљана Китановска, да се заложи за ставање во сила на првичното издадено негативно конзерваторско мислење за овој објект и го прогласи за ништовно сегашното позитивно кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и во кое не се воопшто наведени режимите на заштита за градежната парцела и не е наведено дека објектот (комплексот на згради) е во согласност со режимите на заштита, што е суштина и цел на конзерваторското мислење“, стои во реакцијата.
„О2 Иницијатива“ посочува дека северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има режим на заштита од втор степен.
„Ова подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминанатната класа на намени В – Јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022. За ова е потребно обезбедување Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење“, забележуваат еко-активистите.
Јужниот дел на парцелата со површина од околу 2.880 м², велат тие, е во границите на Контактната зона на Споменикот и има режим на заштита од трет степен, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот – Воена болница во Скопје.
„Поребно е да се обезбеди Конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење. Овие два различни делови од градежната парцела имаат различен режим на заштита, а објектот истовремено треба да се гради и во границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и во границите на неговата Контактна зона, за што се водат различни постапки за одобрување. Ништо од ова не е испочитувано! Како резултат имаме само едно криминално позитивно конзерваторско мислење кое е уште на сила!“, потенцираат од „О2 Иницијатива“.
Бившиот директор на НУ Конзерваторски Центар – Скопје, Константин Димитровски, кој моментално е во домашен притвор како соучесник во злосторничкото здружение за уривањето на хотелот „Шар Ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство, велат тие, не го потпишал издаденото негативно конзерваторско мислење од неговата установа, што значеше стопирање на градбата на комплексот на згради.
„Тој е воедно и член на Комисијата за урбанизам на општина Карпош, каде го одобрил и дава позитивно мислење за урбанистичкиот проект за комплексот згради. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски бурно реагира откако дознава дека е издадено негативно конзерваторско мислење, што значи дека не смее да се издаде одобрение за градење и се заканува дека нема да може тоа така. Бившиот директор потоа формира комисија од тројца и тие го издаваат бараното позитивно конзерваторско мислење кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и со тоа зградите може да продолжат да се градат“.
„Oва се прави во име на инвеститорите на комплексот на згради, „ЗСФ КОМ“, еден од најмоќните градежници во земјава, Фатмир Етеми и „Делта 2015 Констракшн“, која до лани беше во сопственост на Орка Холдинг на семејството на Орце Камчев, кога се продава за 5 милиони евра и недвижен имот во вредност од 8 милиони евра од новата градба, што претставува 25% од објектот, на Специјал Градба во сопственост на бизнисменот Кочо Стојчески, кој претходно е партиски вработуван од СДСМ во Паркови и зеленило, Министерство за одбрана, Министерство за правда и во Општина Центар како градежен инспектор“, реагираат од „О2 Иницијатива“.