Учениците во приватните средни училишта и средношколците кои живеат на растојание помало од 2.5 километри имаат право на бесплатен јавен превоз, оцени Уставниот суд, информира Сојузот на средношколци.
„Со ваквото законско решение, според Судот, се воспоставува различен третман на учениците од средното образование во однос на стекнувањето на правото за користење на бесплатен превоз во дадените случаи, што е спротивно на член 9 став 2 и член 44 став 2 од Уставот, според кои не постои уставна можност за различен третман на учениците од средното образование, од причини што според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и уставно е загарантирано постоење на еднакви услови за достапност до образование. Оттука, Судот оцени дека член 41-а став 1 во делот ‘јавно’ и став 3 во делот ‘јавното’ не е во согласност со член 9 и член 44 став 2 од Уставот“, стои во Одлуката на Уставен суд.
Од Сојузот на средношколци ја поздравуваат одлуката и велат дека со ова се потврдуваат нивните неколкугодишни заложби.
„Откако ги добивме овие информации, остануваме во контакт со Град Скопје со цел учениците кои немаа картички да ги добијат што е можно поскоро“, вели за Радио МОФ потпретседателката на Сојузот, Ива Трпески.
Според неа претставува успех што сега сите ученици ќе имаат еднаков третман за бесплатно возење.
„Ова се однесува и на учениците во приватните училишта, и оние кои одат на феријална пракса преку лето, а живеат на оддалеченост помала од 2,5 километри. Одлуката на Судот го потврди она за кое ние се залагавме да го покажеме – дека во Законот за средно образование никогаш не беше напоменат зборот ‘приватни училишта’ и оттаму дека бесплатниот превоз не се однесува на учениците кои учат во приватни школи“, вели Трпески имплицирајќи на став 1 од членот 41-а од Законот кој гласи: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом.“.
Сојузот на средношколци во април 2022 година подготви предлог-законско решение за бесплатен јавен превоз за сите средношколци. За време на мандатот на претходниот претседател, Лука Павиќевиќ Сојузот овие предлог-измени ги достави до Собранието, а потоа во април 2023 година излезе со соопштение дека доколку пратениците не го разгледаат нивниот предлог, ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд да ја процени уставноста на одредбите во постоечкиот Закон за средно образование.
Актуелниот претседател на Сојузот, Берин Мухамед кога ја презема функцијата во јуни годинава за Радио МОФ изјави дека една од главните негови заложби ќе биде да се оствари оваа иницијатива. Уставниот суд во октомври 2023 година информираше дека ќе поведе постапка за членот 41-а од Законот, по што ја донесе одлуката дека истиот не е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
Ангела Бошкоска