Студентите со индекс со заверен семестар ќе имаат 50% попуст за влез во сите национални културни установи од областа на културата, информира денес Министерството за култура.
Ова следува по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за култура и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ).
„Со Меморанудум е уреден студентски попуст од 50 проценти на влезниците за сите студенти коишто имаат индекс со заверен семестар за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата“, рече министерката за култура во изјавата за медиумите.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека со овој Меморандум се опфатени сите национални установи во Република Северна Македонија. Таа потенцираше дека Меморандомот нуди повеќе придобивки за студентите.
„Студентите ќе имаат еднаква можност за достапност на културната сцена, ќе се зголеми нивно присуство во културните установи, ќе имаат можност да ги посетат сите културни настани во Република Северна Македонија коишто ги организираат сите национални установи во државата, ќе помогнеме за олеснување на нивниот стандард, нешто од што беше потегната и оваа иницијатива“, посочи Костадиновска-Стојчевска.
Претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски поздравувајќи ја професионалноста на министерката за култура и соработката со Министерството, истакна дека потпишувањето на Меморандумот е потврда на нивните заложби за поддршка на студентите во државата, и дека оваа соработка придонесува за подобрување на студентскиот стандард, за поттикнување на критичкото размислување и унапредување на културната, историската и уметничката свест кај младите.
Министерката потсети дека и во Законот за култура кој е во подготовка, се предвидуваат работни места, категории со нула работно искуство, односно со таа регулатива ќе им се овозможи на младите веднаш да имаат услови за вработување во националните установи.
„Заради големиот дефицит на стручни кадри, пратениците во Собранието поднесоа и Закон за измена на Законот за игрите на среќа со што ќе ги стипендираме дефицитарни кадри. Со тоа студентите кои би биле стипендирани преку оваа програма, веднаш ќе можат да бидат вработени во некоја од националните установи од областа на културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.