Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ги додели наградите за 2023 година за новинарски стории на тема „Справување со загадувањето на воздухот во Р.С. Македонија“.
Првата наградата е доделена на новинарката Катерина Топалова Дејановска за сторијата со наслов „Тешка зима“, објавено на порталот „Дома.еду.мк“. Наградената сторија, како што објаснуваат од ЗНМ е всушност новинарски продукт составен од пет прилози во низа во кои е опфатено квалитетно и сеопфатно новинарско истражување, со осврт на законската регулатива и интервјуа.
Втората награда е доделена на новинарката од „Види Вака“ Ангела Петровска за новинарскиот продукт со наслов „Земја без решение за чист воздух“, додека пак третата награда е доделена на новинарите Тони Михаилов и Игор Стојанов за темата со наслов „Текстилниот отпад – од загадувач до суровина и производ со нова вредност“ објавена на „Гоце.мк“.
Истовремено, покрај наградите, особено признание им беше врачено и на новинарите Бојан Блажевски, Мартин Пушевски и Христина Ѓорѓиевска за иновативен и креативен пристап и придонес кон кревање на јавната свест за животната средина.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски истакна дека секојдневно сме сведоци на разорните влијанија на загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, животната средина и општеството во целина. Дополнително, посочи дека ваквиот проблем често останува занемарен или потценет во јавниот дискурс.
„Како новинари, ние мора да ја препознаеме моќта на медиумите, да го ставиме проблемот пред граѓаните, да бараме одговорност преку нашата медиумска застапеност и пласман на содржина. На овој начин имаме можност да поттикнеме значајни промени преку зајакнување на јавната свест, ангажирање во истражувачко новинарство. Преку нашата работа, можеме и мораме влијанијата на загадувањето на воздухот, да ги објасниме и доближиме до граѓаните“.
Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Јаин потенцираше дека резултатите од работата на наградените новинари докажува дека во земјава „работат новинари способни да известуваат за сложени и предизвикувачки теми како загадувањето на воздухот со интегритет и посветеност“.
„Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија во насока на пресретнување на еколошките предизвици и заедничка борба со загадувањето на воздухот“, потенцираше Ларсон Јаин.
Постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан пак посочи дека улогата на новинарите за подигнувањето на свеста за потребата од справување со предизвикот на загадувањето на воздухот е исклучително значајна.
„За ефикасно спроведување на проектот ‘Справување со загадувањето на воздухот’ неопходно е силно партнерство со сите влијателни фактори во општеството. Во таа насока високо го вреднуваме придонесот на слободното и независно истражувачко новинарство. Новинарите трагаат по одговор на најзначајните прашања – што го загадува воздухот кој граѓаните го дишат и кои мерки треба да се преземат? УНДП заедно со Шведска во проектот кој се спроведува во пет градови во земјата, со помош на науката и експертизата, се фокусира на истите прашања. Се мери надворешното, но и внатрешното загадување на воздухот во две училишта и градинки во секој од градовите. Студиите за распределување на изворите на загадување на воздухот ќе овозможат изработка и имплементација на најсоодветните планови за негово подобрување“, рече Григорјан.
Целта на јавниот повик за истражувачките стории, како што истакнуваат од ЗНМ, беше да се подигне свеста за постоечките проблеми со аерозагадувањето и да се поттикне поголема покриеност на овие теми од новинарите на локално и национално ниво како придонес кон изнаоѓање на најдобрите начините за нивно решавање или ублажување.