По протестот против високатницата во Карпош, со свое соопштение се јави и општината, од каде велат дека донеле инвестиција од 50 милиони евра и ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните.
„Во текот на денов се случи еден протест каде беа навредувани службите, вработените и Градоначалникот на Општината. Протестот беше политички организиран и не ја изразува волјата на мнозинството граѓани. Општина Карпош продолжува да се развива. Ова е наша последна инвестиција која успеавме да ја донесеме која носи со себе вработувања, развој и комуналии кои ќе значат проекти за граѓаните на Карпош. Општина Карпош во изминатиот период интензивно работеа на создавање на услови за нови инвестиции. Градоначалникот Јакимовски и општинската администрација овозможија да се оствари капитална инвестиција во станбена изградба во вредност од 50 милиони евра“, се вели во соопштението на Општина Карпош.
Според општинарите, оваа инвестиција ќе ја зголеми понудата на станови во Карпош, ќе влијае на стабилизација на цената, и во исто време ќе обезбеди повеќе од 2.000 работни места.
„Во оваа седумнаесеткатница која ќе се гради во Карпош 3, ќе работат голем број на армирачи, тесари, ѕидари, лимари, бравари, плочкари, електричари, столари, фасадери, електроничари, а во деловните простори и во фирмите што ќе бидат таму сместени ќе работат преку 300 инженери економисти, трговци итн. Ваквите инвестиции влијаат на порастот на животниот стандард, обезбедуваат полна вработеност и влијаат на развојот на општината во целина. Општина Карпош како и секоја локална самоуправа во светот ќе продолжи да создава услови за нови инвестиции, а со тоа и за отворање на нови работни места. Политиката на блокада нема да не поколеба да продолжиме да се бориме со деструктивните струи и да носиме инвестиции. Општина Карпош беше лидер и ќе ја вратиме да биде ‘Општина лидер’ по инвестици во Скопје, Македонија па и регионот“, велат општинарите.
Инаку, граѓаните што денеска излегоа на протест, реагираа дека 17-катница на „ЗСФ КОМ“ ќе донесе бетон, ќе го уништи квалитетот на живот, а притоа ќе направи сообраќаен хаос и ќе ја загрози безбедноста на оние што треба да стигнат до Воена болница.
Притоа, побараа институциите итно да постапат и да го поништат, како што рекоа, нелегално добиеното конзерваторско мислење, со кое се дава зелено светло за градење на комплексот со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила.
[Фото + Видео] Граѓани на протест против висококатницата во Карпош: Нашето здравје не е играчка