Вишото јавно обвинителство (ВЈО) во Белград поднело предлог за обвинување до Високиот суд во Белград против Димитрија Ј. (19) од Крагуевац поради наводно насилничко однесување на протестот на коалицијата „Србија против насилство“ кој се случи на 24 декември 2023 година пред Собранието на Белград, известува Н1.
Според ВЈО, постои оправдан сомнеж дека обвинетиот околу 20:45 часот за време на протестот заедно со други учесници со дрвена мотика ги разбил стаклата на прозорите на зградата на Собранието и фрлал алуминиумски лајсни кон главниот влез.
Обвинителството го товари студентот за кривично дело „насилно однесување на спортски настан или јавен собир“. Предлага да му се изрече условна казна затвор од 10 месеци, како и парична казна од 80.000 динари, пренесува Н1.
Исто така, бил испратен предлог до судот да му ја продолжи забраната за престој во студентскиот дом во кој живее во Белград, за да не го повтори кривичното дело за краток временски период.
Инаку, нередите пред Собранието во Белград избија на 24 декември кога најголемата опозициска коалиција „Србија против насилството“ се обиде да влезе во најважната зграда во државата и да прогласи победа на локалните избори за главниот град на Србија.
Опозицијата ја обвини владејачката Српска напредна партија дека ги сменила резултатите од изборите и побара да бидат објавени нови. Властите ги отфрлаат овие наводи.
Инцидентите започнаа кога група маскирани демонстранти фрлаа кон градската куќа и го искршија влезот и прозорците, а полицијата од зградата одговори со солзавец.
Потоа следеше акција на полицијата во која беа уапсени речиси 40 демонстранти, пишуваат српските медиуми.