Радио МОФ @ Cinedays: „Crossfire Hurricane“

Синоќа беше отворено дванаесеттото издание на филмскиот фестивал CINEDAYS, кој годинава ќе трае до 23 ноември. На еден час пред отварањето во кино Милениум, билетите беа распродадени . Непосредно пред почетокот на првата проекција (документарниот филм за Rolling Stones – Crossfire Hurricane), на публиката се обрати Златко Стефковски, директорот на МКЦ,  кој го соопшти и овогодинешното мото на фестивалот „ Европа го прави тоа најдобро“. На сцената му се придружи и актерката Нина Деан, заштитно лице на фестивалот за 2013 година.

Радио МОФ на Cinedays: „Crossfire Hurricane“

Фото: Телеграф

Со нетрпение се очекуваше почетокот на филмот за Rolling Stones. Прашањето кое многумина си го поставуваат беше : Кој ли е овој документарец по ред за Стоунси, ќе има ли нешто поразлично во него? Од друга страна, станува збор за бенд кој е можеби најотворен кон медиумите низ целата музичка историја. Исто така, поводот е многу важен – 50 години постоење на бендот (единствен бенд на кој можам да се сетам, а кои се блиску до таа бројка се Rush….и на нив им треба уште 5 години) и единствен бенд што успеал толку долго време да биде активен на музичката сцена.

Режисер на филмот е Brett Morgen (On the Ropes), а  продуценти и глумци – самите Стоунси. Филмот нема класична нарација, туку различни членови на бендот не водат низ нивната историја и објаснуваат што значи да се биде дел од митот Rolling Stones (се разбира, низ нивните очи). Од самите почетоци во 60-тите, кога биле насекаде портретирани како антихерои (во споредба со примерните момци од Ливерпул, The Beatles) и лошо влијание за младината, низ конзумирање на сите можни дроги што постојат и концертот  во Алтамонт (каде беше убиен тинејџер од страна на т.н. обезбедување на бендот, моторџиите Hells Angels), па се до промената на ветрот т.е. промената во однесувањето во доцните 70-ти, филмот раскажува што значи да се биде дел од бенд и какви жртви се потребни за да се опстане на сцената толку долго време.

Радио МОФ на Cinedays: „Crossfire Hurricane“

Малку поинтимно е доловена ситуацијата со Brian Jones, еден од основачите на бендот (заедно со Mick Jagger и Keith Richards). Неговото влијание во раниот и уникатен звук на бендот прави публиката да лудува по нив. Прикажан е и неговиот пад последните години (константното користење на дрога), па се до самата смрт. Mick кажува „имаше денови каде што цел ден бескорисно ќе се врткаше низ студио, а имаше и денови каде што ќе земеше гитара и ќе отсвиреше нешто прекрасно и во негов стил“.

На негово место доаѓа, како што Keith го нарекува „виртуозот на гитара“, Mick Taylor кој ќе биде дел од бендот во  следните 5 години. Составот кој денеска го познаваме е комплетиран во 1974 година со приклучувањето на Ronnie Wood.

Радио МОФ на Cinedays: „Crossfire Hurricane“

Најголемата „маана“ на филмот е тоа што не е целосен. Последен значаен настан што се споменува е апсењето на Keith во Канада во 77-ма година за поседување хероин, каде што после тоа решава да оди на терапија….. и толку.Потоа се споменува дека бендот тргнал на подобра патека, за да ни биде прикажана снимка од нивен настап во 81-ва и после една нова актуелна снимка. За филм што треба да портретира 50 години постоење на бенд, не е фер да исечеш 30 години од историјата. Од друга страна, бендот си го продуцира филмот и си ги одбележуваат нивните најважни настани (или во превод ништо интересно не им се случувало во нивните животи). Како што и самиот Mick изјавува „нема вечно да имаме 30 години“.

Генерално е интересен за гледање, за музичките обожаватели ќе ви понуди 2 часа забава, но би го оценил со 6/10. Не се споредува со други нивни документарци, туку како и последните неколку нивни албуми, само потсетува на големината и вечноста на бендот и потрагата по старата слава.


Николај Митрески