Вкупниот долг на сите државни институции, јавното здравство, образованието, судството, социјалата, агенции, општини, јавни претпријатија, на крајот на 2023 та изнесувал 408,1 милион евра. Најголеми доспеани а неплатени обврски имаат Јавните претпријатија на централно ниво и државните фирми, пишува Порталб.мк. Најголем дел од долгот или 91,3 милиони евра, е по основ на комуналии, транспорт, комуникации. На новата “должничка “ листа на првите три места се три државни фирми.
41% од долговите – кон приватниот сектор
Со вкупни доспеани а неплатени обврски во износ од 167,2 милиони евра на крајот на 2023, Јавните претпријатија на централно ниво и државните фирмисе први на листата според висината на долговите. Новите податоци на Министерството за финансии покажуваат дека секторски, според висината на доспеаните а неплатени обврски, на второ место се Општинските Јавни претпријатија со скоро 76,0 милиони евра.
Доспеани а неплатени обврски ( 2023)
ЈП на централно ниво и државни фирми 167 224 304 евра
Општински Јавни претпријатија 76 961 000 евра
Општини 58 649 360 евра
Извор: МФ
Општините се на високото трето место со долгови во износ од 58,6 милиони евра. Податоците покажуваат дека од вкупните неплатени обврски на државниот сектор, најголем дел или 213, 3 милиони евра се кон јавниот сектор, односно внатрешен долг меѓу самите институции. Од вкупната сума на доспеани а неплатени обврски на државните и локалните власти и институции, 41% се кон приватниот сектор – на крајот од 2023 е регистрирани долг во износ од 169,8 милиони евра.
Пријавени обврски
Кон јавен сектор 213 349 847 евра
Кон приватен сектор 169 787 700 евра
Кон странство 22 597 706 евра
Кон физички лица 2 417 709 евра
Доспеаните а неплатени обврски кон странство изнесуваат 22,5 милиони евра а кон физички лица 2,4 милиони евра.
На првите три места – три државни фирми
Ако се анализира структурата на долгот, најголем дел во износ од 91,3 милиони евра е по основ на комуналии, греење, транспорт, комуникации. По основ на „други тековни расходи“ пријавени се обврски од 62,2 милиони евра, за материјали и ситен инвентар не се платени сметки во износ од 59,4 милиони евра а доспеаните неплатени обврски по основ на „договорни услуги“ изнесуваат 41,1 милион евра.
На новата „должничка “ листа на првите три места се наоѓаат три фирми по државна „капа“: МЖ Транспорт со доспеани а неплатени обврски во износ од 64,8 милиони евра, МЖ Инфраструктура со скоро 41,0 милион евра и ЕСМ Дистрибуција на топлинасо пријавени обврски во износ од 22,2 милиони евра.
Доспеани а неплатени обврски
МЖ Транспорт 64 840 000 евра
МЖ Инфраструктура 40 923 000 евра
ЕСМ Дистрибуција на топлина 22 205 000 евра
Меѓу првите “десет“ најзадолжени и натаму е ЈУ од областа на здравството – заедничката служба за снабдување на клиниките, со пријавен долг од 21,7 милиони евра. И на оваа конечна должничка листа за 2023 та се наоѓаат голем број на болници и клиники. ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија пријавила долгови во износ од 6,5 милиони евра, ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија долг од скоро 4,4 милиони евра а Универзитетска клиника за трауматологија 4,1 милион евра.
Во десетте најзадолжени се и две Јавни претпријатија – ЈП Водовод и канализација – Скопје и ЈП Водовод Куманово како и две општини, Тетово и Гостивар.
Во следното продолжение Порталб.мк ќе ги објави податоците за состојбата со долговите на локално ниво.