Истражувањата на родово-заснованото насилство ќе мора посветено да се фокусираат и врз улогата на дигиталните технологии во родовата опресија, во глобалниот отпор кон неа и во закрепнувањето, детектирајќи ги сложените интеракции помеѓу одговорите на државите, активностите кои ги преземаат (или треба да ги преземаат) корпорациите под влијание на обврските од меѓународното право за правата на човекот и акциите на граѓанското општество.
Дигиталното родово насилство се шири неконтролирано, почнувајќи од вознемирување на жени кои се јавни личности на социјалните мрежи до следење интимни партнерки со помош на наменски направени апликации. Сепак, тоа не е нов феномен, туку континуитет на насилството со кое жените и девојките се соочуваат постојано. Сајбернасилството не се случува независно од офлајн реалноста, тие одат рака под рака. Тоа е истиот механизам на патријархатот кој се манифестира низ нов медиум.
И во оваа смисла е важно да се воочи како дигиталните технологии функционираат како механизми за опресија додека, истовремено, отвораат и можности за глобален отпор и закрепнување. Користењето на рамката за човекови права е потенцијално моќна, но се уште недоволно искористена алатка за идентификување на стратегии за борба со дигиталното родово насилство.
Дигиталните технологии како механизми за угнетување, активизам и закрепнување
Врската помеѓу родовозаснованото насилство и технологијатата не е ништо ново. Во литературата често се посочува претставата „Гаслајт“ од 1938 година, како жива илустрација на и порано присутната технолошки олеснетата злоупотреба, во случајот, на еден викторијански сопруг кој манипулира со гас ламбите во домаќинството (да треперат и да се затемнуваат неочекувано) со цел да ја натера својата сопруга да се посомнева во сопствениот разум.
Сепак, како што истакнуваат Бартер и Коулу, „релативно неодамна се препознаа комплексноста на родово заснованото насилство и дигиталните форми на технологии како механизми за угнетување, активизам и закрепнување“.
Дигиталната технологија денес се користи за да се олеснат формите на родово-заснованото насилство кои и пред само неколку децении изгледаа малку веројатни. Таа може да биде користена за контрола на сегашните или поранешните интимни партнери, следење и вознемирување преку телекомуникациски алатки и на платформи на социјалните медиуми и разоткривање на лични информации или навредлива содржина преку веб-домаќини и платформи за социјални медиуми. Дигиталното родово насилство може да има многу форми: сајбер малтретирање, вознемирување, следење, несакана сексуализација, сексуална злоупотреба заснована на слики на интернет, сексуална изнуда, доксинг, одмазничко порно, онлајн говор на омраза, тролање, сексуално срамење на интернет и застрашувачки закани за силување.
Обидите да се направи исцрпен или конечен список на дигитално родово-засновано насилство се невозможни. Како што се појавуваат нови форми на технологија и стануваат дел од структурите на секојдневниот живот, така тие истовремено им нудат на сторителите и сè поголеми начини да ги следат, изолираат и контролираат своите жртви.
Како што се забележува, женските засолништа се повеќе пријавуваат дека сторителите ги кријат GPS уредите во компјутерите на жртвите, автомобилите и детските играчки, што овие претходно заштитени физички простори ги прави ранливи. „Паметната технологија се користи од сторителите за далечинско контролирање на физичката средина на жените преку брави, звучници, термостати и светла поврзани на Интернет, создавајќи нов модел на однесување за да се вознемирува, следи, збунува и на крајот заплашува“.
Во оваа смисла технологијата создава чувство за некаква сеприсутност на сторителите во изолирањето, казнувањето и понижувањето на жртвите на родово-заснованото насилство.[1] Едноставно, жртвите веруваат дека се набљудувани дури и кога не се, што потсетува на Бентамовиот паноптикон: дисциплински концепт кој се применува на затворите каде што еден чувар може да ги надгледува затворениците без тие да знаат дали навистина се набљудувани.
Истражувањата на дигиталното родово-засновано насилство кои го вкрстуваат Фуковото објаснување за моќта и општествената контрола и традиционалните сфаќања за патријархатот, покажуваат како сеприсутноста на сторителите фундаментално ја менува динамиката на интимната моќ, при што жртвите постојано се само-регулираат и го усогласуваат своето однесување на начини на кои тие веруваат се прифатливи за насилникот.
Заедно со директните форми на технолошкото родово насилство сведочиме и на енормен пораст на мизогини, сексистички, хомофобични и трансфобични изразувања на Интернет. Некои жени се особено изложени на говор на омраза, вознемирување и таргетирање од онлајн троловите, како на пример, бранителките на правата на жените, новинарките, блогерките, видео гејмерките, јавните личности и политичарките.
Покрај тоа, жените кои имаат повеќе од една вообичаено таргетирана карактеристика – на пример, жените со темна боја на кожата, припадничките на малцинските религии или лицата кои се идентификуваат како ЛГБТК+ може да бидат почесто напаѓани.
Ваквата злоупотреба на Интернетот и воопшто на дигиталните технологии, ги одразува и воедно ги зајакнува системските родови нееднаквости. Имено, дигиталните технологии и родово-заснованото насилство меѓусебно се поврзуваат на интерперсонално и структурно ниво. Родово заснованото насилство на индивидуално ниво ги одразува и зајакнува структурните динамики како што се сексизмот, расизмот и циснормативноста. Структурното насилство, пак, е насилство каде што „може да не постои ниту едно лице кое директно нанесува штета на друго лице. Насилството е вградено во структурата и се покажува како нееднаква моќ и следствено како нееднакви животни можности“.
И секако, тука е вплетена и културата. Културното насилство се „оние аспекти на културата, симболичката сфера на нашето постоење – како на пример, религијата и идеологијата, јазикот и уметноста, емпириската наука и формалната наука (логика, математика) – што може да се користат за оправдување или легитимизирање на директното или структурно насилство“. И целата оваа комплексна интеракција е особено важна за да се види како дигиталната технологија, во својата наводна неутралност и невиност, всушност, го натурализира и зајакнува родово-заснованото насилство.
Сепак, како што објаснуваат Бартер и Коулу, дигиталните технологии истовремено обезбедуваат и креативни можности за социјален активизам, отпор и закрепнување. И навистина, истражувањата ја препознаваат дигиталната технологија и како моќна алатка за глобален отпор кон родово-заснованото насилство, обезбедувајќи платформа за трансформативни кампањи предводени од жртвите, како и механизам за обезбедување на поддршка за жртвите.
За почеток, дигиталните технологии даваат можност за поврзување преку географските граници, обезбедувајќи автентични простори каде што жртвите на родово-заснованото насилство од географски оддалечени и разновидни заедници ќе можат да бидат слушнати. Глобалните кампањи, како на пример движењата #metoo и #timesup го покажаа потенцијалот на дигиталната средина за демократизирање на пристапот до глас и предизвикување на исклучувањето, создавајќи солидарност што оди преку националните поделби. Понатаму, дигиталните технологии исто така се користат за да се обезбедат услуги за жртвите за справување со траумата кои функционираат како достапно средство за поддршка кое не зависи од грижата за децата и работните обврски.
Сепак, Бартер и Коулу предупредуваат дека пристапот до дигиталната технологија не е рамномерно распределен и може да зависи од низа околности (како што се руралност и пристап до дигитална инфраструктура, пристап до дигитални уреди, попреченост и дигитална писменост) што можат да ги влошат односите на моќ кои се својствени за многу форми на родово-засновано насилство.
И повеќе, самите дигитални нееднаквости во оваа смисла „ја подривааат идејата за постоење на „универзално“ сајберфеминистичко движење, што само нагласува како онлајн активизмот треба да биде тесно поврзан со движењата на отпорот на терен за да се направи достапен за жените и девојките на кои им недостига дигитален пристап“.
Интересни се и онлајн кампањите кои се однесуваат на дискурсот на младите и ризикот од родово-засновано насилство, како на пример, образовните кампањи за секстинг кои ги адресираа притисоците врз младите да примаат и споделуваат слики, фотографии или видеа со сексуална содржина преку мобилни уреди, социјални мрежи или други електронски средства.
Сепак, истражувањата на ваквите скорешни образовни кампањи во Обединето Кралство покажаа како самите кампањи во основа го (ре)продуцираат симболичното насилство преку обвинување на жртвите, негирање на сексуалното прекршување засновано на слики и отфрлање на одговорноста на сторителите. Тоа го покрена прашањето за потребата од правилно позиционирање на сексуалното насилство базирано на слика како форма на родово-засновано насилство, притоа не негирајќи ги правата на младите да ја истражуваат својата сексуалност во безбедна средина.
Рамката за човекови права како патоказ за врамување на борбата против родово-заснованото насилство
Родовото насилство извршено низ продорниот и дифузен досег на технологијата може да биде голем предизвик за правото и правните системи, за самите правни институции.
Како прво, сајбер-булингот и дигиталното следење ја преобликуваат географската и просторната природа на злоупотребата што доведува до прашања поврзани со јурисдикцијата. Додека правото традиционално се потпира на вградени претпоставки за криминалните дејствија како ограничени во време и простор и такви што можат да се припишат на поединечни лица, онлајн родово-заснованото насилство вклучува широк спектар на однесувања со (временски и просторно) распрснувачки досег. Дополнително, различни типови на посредници имаат различни нивоа на вклученост, а со тоа и различни одговорности во однос на различните видови на родово-заснованото насилство.
Исто така, родово-заснованото насилство е комплексен проблем што не може да се реши само со понатамошна криминализација на штетните дела извршени од индивидуални корисници, особено за нормализирани навредливи дејствија кои се збирно штетни, но честопати индивидуално не се искачуваат на ниво на криминално однесување. Тука кривичните правни лекови може да имаат несакани последици и справувањето со злоупотребата на Интернет бара вклучување на приватни актери (како технолошките компании кои управуваат со комерцијалниот интернет) во поставување и спроведување на прифатливи стандарди на однесување“. И повторно, бидејќи правото најмногу се занимава со меѓуличното насилство и правни лекови, тоа останува (барем делумно) слепо за структурните основи на технологијата и насилството кои несразмерно им штетат на заедниците кои бараат еднаквост. Па така, прашањето на обезбедување на пристап до правда и правни заштитни мерки за дигиталното родово-засновано насилство останува да биде предизвик.
И тука рамката за човекови права има клучна улога.
Борбата со онлајн родово-заснованото насилство ќе бара од технолошките компании кои управуваат со комерцијалниот интернет да интервенираат за да се спречи злоупотребата низ мрежите и услугите. А, како што напоменуваат Сузор, Драгиевич, Харис, Гилет, Бургес и Ван Гилен, телекомуникациските корпорации и дигиталните медиумски платформи бавно реагираат на проблемот на онлајн злоупотреба и вознемирување, упорно претставувајќи се себеси како неутрални посредници. И навистина, постои мал консензус за тоа какви активности тие треба да преземат за да ја ублажат штетата направена преку нивните мрежи.
Меѓународните инструменти за човекови права, од друга страна, даваат можност со поголема прецизност да се идентификуваат одговорностите на телекомуникациските компании и дигиталните медиумски платформи за да ја ублажат штетата направена преку нивните мрежи и да се погрижат системите што тие ги создаваат да не ја репродуцираат родовата нееднаквост. Во оваа смисла, како важен репер или насока, се повеќе се потенцираат Водечките принципи на Обединетите нации за бизнис и човекови права со кои веќе детално се дефинираат одговорностите на компаниите за почитување на човековите права.
Согласно овие принципи, компаниите треба да покажат должно внимание (due diligence) за да го идентификуваат сопственото влијание врз човековите права. Понатаму, тие треба да бидат постојано посветени односно да преземаат чекори за да осигураат дека грижите околу повредите на човековите права се идентификуваат, се земаат предвид и се решаваат при дизајнирањето и распоредувањето на технолошките алатки. Конечно, фирмите имаат и одговорност да развијат ефективни правни лекови за повреда на човековите права, односно да развијат и доследно да спроведуваат јасни политики и процедури за одговор на злоупотребата на нивните мрежи.
Секако, како што не потсетуваат Сузор, Драгиевич, Харис, Гилет, Бургес и Ван Гилен, човековите права не се спроведуваат самите по себе и веројатно е дека платформите нема лесно да ги усвојат стандардите за човекови права. Ова ќе бара координиран и одржлив социјален притисок. Но, повторно, една од силните страни на рамката за човекови права е тоа што може да обезбеди специфичен сет на барања за конкретни промени што може да се користат од различни групи на граѓанско општество на одржлив начин за подобро да се поттикнат промените од интернет посредниците.
И конечно, или почетно, државите имаат јасни обврски според меѓународното право за правата на човекот во развивањето закони и регулаторни процеси кои ги поттикнуваат (или бараат) телекомуникациите и интернет бизнисите да бидат одговорни за справување со родовото насилство на начин кој е компатибилен со човековите права.
Погоре изнесеното нè упатува на заклучокот дека истражувањата на родово-заснованото насилство ќе мора посветено да се фокусираат и врз улогата на дигиталните технологии во родовата опресија, во глобалниот отпор кон неа и закрепнувањето, детектирајќи ги сложените интеракции помеѓу одговорите на државите, активностите кои ги преземаат (или треба да ги преземаат) корпорациите под влијание на обврските од меѓународното право за правата на човекот и акциите на граѓанското општество.
*Елена Михајлова Стратилати е професор по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.