До здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ на 5 февруари граѓанин на Прилеп пријавил дека било убиено неговото куче заедно со шест други, кои како што тврди сопственикот не биле скитници.
„Кучињата не беа скитници, ниту на некого му наштетиле, но во лош момент се нашле на патот на некој пореметен комшија. Не е првпат во оваа населба да се случува масовен помор на животни. Само пред неколку години имаше масовно труење на кучиња и мачки. Разрешница…немаше“, пишува Дејан Кумпа чиј миленик е меѓу убиените кучиња.
Од „Анима Мунди“ прашуваат каде е полицијата да реагира за случајот.
„Со крв е обележана траекторијата на прилепските улици, населба Варош,улиците Гога Јанкулоски, Гога Димитриоски и Благоја Шукуровски. И како да ништо вонстандардно не се случило, Комуналец Прилеп уредно си поминале и ги собрале застреланите тела на животните, кои живи, кои на издишување и ги фрлиле во градската депонија кај село Алинци. Ниту крим полиција, ниту било каква пријава било каде. Доказите таму некаде на депонија, дело нема. МВР, АХВ, општина Прилеп, министри, директори, градоначалици, ИТНО да излезете на улица и видите што се случува додека , какви ѕверства се премолчуваат и туркаат под тепих. До наредните стрелби, кога на овој или ваквите психопатот можеби ќе им засмета човек“, реагираат денес од „Анима Мунди“.
„Да имавме систем, одговорни функционери и држава, психопатите ќе беа препознаени, лоцирани, ставени зад решетки и ќе се превенираа убиства во иднина. Но не, утре е нов ден и не се знае што се не чека и кој ќе биде идната жртва!“, додаваат оттаму.