Младинскиот образовен форум (МОФ) објавува повик за осум локални младински акции кои ќе се реализираат на територијата на Република Северна Македонија.
„Главната цел на овој повик за предлози за младински локални акции е да се поддржат младите (вклучувајќи ги и членовите на Локалните младински совети) на локално ниво низ Северна Македонија во промовирање на конструктивни наративи, поттикнување на инклузијата, интеркултурно учење, градење меѓусебно разбирање и доверба. Сите локални иницијативи водени од младите, имплементирани во соработка со МОФ како дел од овој предлог повик, мора да се усогласат и активно да придонесат кон вредностите наведени во регионалниот проект“, се вели во соопштението.
Тимовите кои ќе аплицираат на овој повик со нивна идеја за локална младинска акција, треба да имаат максимум 3 (три) членови.
За секоја локална младинска акција се предвидуваат финансиски средства до 160.000 денари. Сите трошоци треба да се предвидат согласно програмските активности. Средствата ќе бидат менаџирани од МОФ во соработка со тимовите. Набавките за сите активности ќе се направат од МОФ според правилата на организацијата. Локалните младински акции ќе треба да се спроведат до 31 март 2024 година.
За оценување на предлог локалните младински акции ќе биде ангажирана комисија која што ќе ги следи следните критериуми при оценување на предлог акцијата:
- Релевантност на проектот;
- Иновативност и креативност на локалната младинска акција;
- Вклучување на заедницата, влијание на акцијата и одржливост;
- Локалната младинска акција треба да биде водена од младите и фокусирани на младите.
Откако ќе се изврши селекција на 8 (осумте) локални младински акции, ќе биде организиран национален BootCamp, кој што ќе се одржи на крај на месец февруари (28.02 – 02.03.2024). Сите членови на победничките тимови треба да учествуваат на националниот BootCamp.
Целите на националниот BootCamp се:
- Зајакнување на капацитетите на младите за да бидат активни креатори на промени и да бидат гласот на потребите на сите млади на локално ниво.
- Поддршка на младите да формулираат решенија специфични за заедницата за справување со предизвиците што преовладуваат во нивните соодветни региони.
- Поттикнување на нови партнерства кај младите и размена на позитивни примери и искуства.
- Финализирање на акциските планови на младинските локални акции.
Повеќе информации за процесот на аплицирање може да се најдат во Прирачникот за аплицирање и имплементација на локални младински акции.
Краен рок за аплицирање е 18 февруари 2024 со испраќање на пополнет предлог-концепт и буџет за локалната младинска акција. Избраните тимови ќе бидат известени најдоцна до 22 февруари 2024.
За сите дополнителни прашања, може да се обратите до Ивона Кузмановска на ivona_kuzmanovska@mof.org.mk.
Повикот се објавува во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, а во рамки на регионалниот младински проект „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“.