Студентите кои се нови корисници на стипендии не ги добија првите исплати во текот на оваа недела, како што најави Министерството за образование и наука (МОН), со што изјавата на МОН дадена на Мета.мк ја оценуваме како невистинита.
Министерството за образование доцни со исплата на стипендиите за студентите – нови корисници, кои потпишаа договори во јануари. Додека студентите кои го продолжија правото на стипендија првите исплати ги добија во понеделникот (исто така подоцна од она што беше најавено), новите корисници останаа скратени од средствата цела недела.
Мета.мк на 31 јануари упати прашања до надлежното министерство за тоа кога на студентите ќе им бидат исплатени стипендиите и финансиската поддршка за меѓуградски превоз.
Во краткиот одговор од МОН, се вели:
„Налозите за исплата на стипендии на постојните корисници и на патни трошоци се доставени во трезор и очекуваме денес или утре да се реализираат. Додека следната недела ќе има исплата за новите корисници на стипендија“, гласи одговорот од МОН што стигна на 1 февруари (четврток).
Меѓутоа, новите корисници на студентски стипендии не ги добија исплатите, и покрај тоа што неделава измина. На нивните трансакциски сметки до овој момент не легнале средствата за ниту еден месец.
Според ова, се чини дека Министерството за образование и наука повторно си игра со роковите што им ги дава на студентите, што всушност беше и повод за студентските протести што се одржаа во понеделникот пред зградата на МОН.
Имајќи предвид дека новите корисници не добиле ниту една рата од стипендијата, изјавата на МОН дека „следната недела ќе има исплата за новите корисници на стипендија“ ја оценуваме како невистина.