Насилството врз жените и девојчињата останува најчест пример на прекршување на човековите права. На глобално ниво, а и кај нас, податоците се поразителни – секоја трета жена е жртва на некаков вид родово базирано насилство, велат од УНДП.
Преку емотивната форум театарска претстава „Осудена“, која се одржа во Битола и во Скопје, беше прикажана суровата реалност со која се соочуваат жените и девојчињата жртви на насилство.
Оваа иницијатива ја спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Користејќи ја сцената за да се поттикне критички разговор меѓу присутните во публиката, велат од УНДП, настанот особено го привлече вниманието на младите.
Претставата „Осуден(а)“ се одвива во два чина и прикажува ситуации кои го одразуваат секојдневието на многу жени и девојки во нашето општество. Првиот чин ја следи приказната на млада девојка која е жртва на сајбер насилство и закани откако испраќа приватни фотографии на момче кое го запознала на интернет. Во вакви ситуации, наместо да наидат на поддршка, девојките се соочуваат со дополнителни обвинувања од јавноста, но и од најблиските. Со ова, покрај на насилството како примарен проблем, се стави фокус и на културата на создавање двојна виктимизација на жртвата што често го засенува вистинскиот проблем – одговорноста на сторителот за сторените кривични постапки“, соопштува УНДП.
Од таму истакнуваат дека, вклучувајќи ги граѓаните во развивање критични дискусии и користејќи ја уметноста како средство за општествена промена, ги покажуваат своите заложби за родова еднаквост, борба против насилството и создавање општество во кое сите ќе имаа еднаков пристап до институционална заштита и гарантирање на човековите права.
Настанот заврши со порака: „Борбата против родово базираното насилство бара дејство од сите нас како поединци, заедници и институции. Ова значи повик да бидеме солидарни со жртвите и да работиме кон иднина во која ваквото насилство ќе биде дел од минатото“.
Претставата e реализирана во рамки на проектот „Борба против сексуалното и родово-базирано насилство“, со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Кореја. Видеото е подготвено во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, кој го имплементира УНДП во соработка со Фондот за население на Обединетите нации, УНЕСКО и UN Women, со финансиска поддршка на Фондот за мир на Обединетите нации.
Фото: УНДП