Ангелина Димовска-Миташева е нова в.д. директорка на Филхармонија, потврдија за Радио МОФ од Министерството за култура.
Од септември минатата година, оваа функција ја вршеше Даниел Лазаровски. Меѓутоа, синдикалната организација на Филхармонија имаше бројни забелешки за неговата работа поради, како што посочија „непрофесионално и неуко менаџирање, кое се одразува со големи негативни последици врз целокупното функционирање на Македонската Филхармонија“. Минатата недела, синдикалната организација поднесе и петиција до Министерството за култура за негово итно разрешување.
Претходно, од оваа функција беше разрешена и претходничката на Лазаровски, Тина Иванова. Во септември 2023 година, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја разреши Иванова од функцијата поради „бројни законски повреди и неусогласености во работењето со институцијата“. Од друга страна, Иванова со писмо до јавноста тврдеше дека нејзиното разрешување не е поради несовесно работење, туку затоа што застанала на страната на колективот и на Филхармонија.