Министерот за здравство Илир Демири на новинарско прашање за состојбата со големата кашлица потенцираше дека вакцинацијата е најголемото достигнување на здравствениот систем.
„Од Центарот за јавно здравје Скопје е прогласена епидемија. Моментално на државно ниво има регистрирано 34 заболени од пертусис. Јас ќе ја искористам оваа можност да се обратам уште еднаш на сите граѓани, особено на родители кои имаат мали деца – најголемо достигнување на здравствениот систем е вакцинацијата, затоа ги замолувам сите да пристапат кон вакцинација на своите деца. Сите деца прво треба да се вакцинирани, па да одат во градинка. Тоа беше и еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести“, рече Демири.
Од Владата разјаснуваат дека на ниво на Скопје уште од 8 февруари е прогласена епидемија на голема кашлица, објави Фактор.
Од таму додаваат дека епидемијата не треба да ја прогласи Владата откако препораката дадена од Комисијата за заразни болести ја потпиша Фатмир Меџити, ден пред да биде разрешен од функцијата министер за здравство.
Ова од таму што самата препорака од Комисијата за заразни болести не се однесувала на целата држава, така што Центарот за јавно здравје – Скопје е надлежен да постапи по препораките од Комисијата.
„Во Скопје е прогласена епидемија од пертусис (голема кашлица) и за тоа официјално ги известивме Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Мнистерството за здравство и Институтот за јавно здравје“, потврди Бесим Зекири, директор на скопскиот Центар за јавно здравје.
Препораките се во градинките да не се примаат деца кои не се вакцинирани за голема кашлица, а матичните лекари треба при секој преглед да го проверат вакциналниот статус на секое дете до 14 години и да ги упатат на вакцинација.
Од Министерството за здравство за Радио МОФ велат дека големата кашлица е вакцино-превентабилно заболување и најдобра превенција од ова заболување е редовната вакцинација согласно распоредот за вакцинација даден во Календарот за имунизација.
„Посебен акцент е ставен на интензивирање на вакцинацијата на децата за ДиТеПер вакцинација, односно детектирање на сите непотполно вакцинирани и пропуштени за вакцинација деца и веднаш да се вакцинираат“, велат од Здравство.