„Опенхајмер“ (Oppenheimer), тричасовниот еп за создавањето на атомската бомба за време на Втората светска војна освои седум награди на годинешното 77. издание на наградите на Британската академија за филм (БАФТА), вклучувајќи ги и наградите за најдобар филм, најдобар режисер и најдобар актер, пренесува Ал Џазира.
Режисерот на „Опенхајмер“, Кристофер Нолан ја освои својата прва БАФТА награда за најдобар режисер, додека ирецот Килијан Марфи ја освои наградата за најдобар актер за улогата на физичарот Џеј Роберт Опенхајмер, т.н. татко на атомската бомба.
„Во реалниот свет има секакви поединци и организации кои долго и напорно се бореа за да го намалат бројот на нуклеарно оружје во светот. При прифаќањето на наградата, сакам да им оддадам признание за нивните напори“, истакна Нолан во својот говор.
Овие победи го зацврстија статусот на фаворит на „Oppenheimer“ за Оскарите кои ќе се одржат следниот месец.
Исто така, вчерашната вечер беше успешна и за надреалната мрачна комедија „Кутри нешта“ (Poor Things), која освои пет награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобра актерка која ѝ припадна на Ема Стоун. Стоун ја победи конкуренцијата од филмот „Barbie“, Маргот Роби.
Со вредни награди се здоби и „Зона на интерес“ (The Zone of Interest), филм од британска продукција во Полска со главно германска актерска екипа, освојувајќи ги наградите за најдобар британски филм, најдобар филм кој не е на англиски јазик, како и наградата за најдобар звук.
Станува збор за драма која се одвива за време на холокаустот во семејна куќа веднаш надвор од ѕидините на концентираниот логор Аушвиц, чии ужаси се слушаат и навестуваат, но не се гледаат.
„Ѕидовите се истите пред и по холокаустот, и се чини дека сега треба да се грижиме да не бидат убиени невини луѓе во Газа или Јемен или Мариупол или Израел. Ви благодариме што препознавте филм кој бара да размислуваме во тие насоки“, рече продуцентот Џејмс Вилсон.
Судската драма „Анатомија на падот“ (Anatomy of a Fall) ја освои наградата за оригинално сценарио, додека хумористичната драма „Американска фикција“ (American Fiction) ја однесе наградата за најдобро адаптирано сценарио.
Награда за најдобар документарен филм доби „20 дена во Мариупол“ (20 Days in Mariupol), а за најдобар анимиран филм беше избран „Момчето и чапјата“ (The Boy and the Heron) од познатиот јапонски аниматор Хајао Мијазаки.