Со инфодемијата што се појави за корона-кризата, не завршија дезинформациите и мисинформациите за вакцините. Тие се’ уште постојат, особено во дигиталниот свет, на Фејсбук, Твитер или Инстаграм, каде секој може да биде лекар, да дава совети и мислења „од ракав“. Со тоа, да влева сомнеж и да ги одвраќа родителите да ги вакцинираат децата, кога Скопје се соочува со нова епидемија, а опфатот на имунизација неколку години е под препораката од 95% што би ги заштитила децата.
Радио МОФ веќе пишуваше дека епидемијата со пертусис во Скопје ги разбуди родителите за да ги (ре)вакцинираат децата, но дезинформациите што кружат по интернетот продолжуваат да создаваат збунетост и страв кај граѓаните.
Според докторот Злате Мехмедовиќ, кој е и портпарол на Комисијата за заразни болести, популацијата станува свесна за придобивките на вакцинацијата, додека истовремено борбата е да се поттиснат дезинформациите.
„ДиТеПер не е опасна, туку е безбедна и задолжителна вакцина. Исто така, аутистичниот спектар кај деца не е поврзан со МРП вакцината, имаме наука која стои зад ова. Исто е и со тврдењето дека вакцината за ХПВ предизвикува стерилитет. Немаме ниту еден таков евидентиран случај. Вакцините се апсолутно безбедни и го штитат здравјето и животот на децата, а не спротивно“, дециден е Мехмедовиќ.
За него нема сомнеж дека ова е сложен процес, а за да не се појават нови епидемии како оваа со пертусис, или таа со морбили од 2019 година кога најмладата жртва беше шестмесечно бебе, ќе треба да се вклучат повеќе институции, стручни лица, училишта и цела релеватна медицинска фела.
„Тука веќе зборуваме за медицинско образование. Или медицинска писменост. Ќе треба да се направи многу во однос на медицинското описменување на идните генерации, за да не ни се повторат грешките кои ги пропуштивме да ги надополниме за оние генерации кои израснаа во антиваксери. Не доминантно, не сакам да генерализирам, туку би кажал дека дел од нив израснаа во антиваксери. Земете предвид дека 75% од децата се вакцинираат, тоа е доминантно про-вакцинално расположение. Помал е бројот на оние кои не сакаат, но, тука е грешката. Пропуштивме со мал дел од нив да работиме кога имавме можност медицински да ги описмениме за да денеска практично не бидат подложни на неписмени текстови, изјави и квази-анализи кои одат во прилог на нешто што не е научно докажано“, посочува Мехмедовиќ.
Родителите можеби се збунети, но треба да знаат дека вакцините постоеле со децении наназад, а ги примале и нашите родители, баби и дедовци, се надоврзува детскиот имунолог Кети Ставриќ.
Докторката посочува дека родителите нема потреба да се плашат, ова не се некои нови вакцини, не се измислува „топла вода“. Болеста ќе престане да се шири, ако има голема пропорција од населението, која е имуна на болеста и тука лежи логиката кога се бара што поголем број граѓани да примат вакцина.
„Оваа вакцина (ДиТеПер за пертусис) ни е со децении. Порано имавме нејзин опфат од 95% на населението, а сега е опаднат. Затоа цело време апелирам, ако родителите имаат било какви недоумници, прашања, тие треба да ги постават на докторите на вакциналните пунктови. Воглавно се специјалисти педијатри, обучени луѓе, следат новини и информации. Значи, се’ што ги интересира – нека побараат од нив. Нека не собираат информации од други родители и од лажни вести. Затоа што, социјалните мрежи не се местото каде се бараат одговори на дилеми за вакцини, дилеми поврзани со медицина и наука“, потенцира докторката.
Како генералното население ги поима вакцините и болестите?
Дека македонските граѓани не се имуни на заговори и дезинформации, покажаа неодамнешни истражувања и анализи.
Ланско истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС), содржи токму дел и за мислењата на граѓаните за вакцините. Разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна.
„Од друга страна, пак, 27% од жените и 17% од мажите одговориле дека не се запознаени со веста и треба да ја проверат веродостојноста. Гледано според возраста, мнозинството граѓани на 25-34-годишна возраст (52%) одговориле дека не се согласуваат со изјавата, додека во другите возрасни групи не се големи разликите помеѓу оние што се согласуваат и што не се согласуваат со веста“, стои во истражувањето.
Ланското истражување на Метаморфозис, укажа дека граѓаните генерално ги идентификуваа политичарите (91%), новинарите/медиумите (90%), социјалните медиуми (81%), па интернет порталите (78%) како главни извори на дезинформации.
„Најмногу дезинформации се среќаваат на социјалните мрежи. Дезинформациите најчесто се шират преку лични профили на политичари и инфлуенсери, а во време на пандемијата и преку ‘лични профили’ на лекари и медициски работници. Исто така, дезинформации се шират преку различни фејсбук-групи. Во оваа насока посебно беа посочени личниот профил на Гордана Гоџо од здружението ‘Од нас за нас’, профилот на Мајк Тајсон, претставник на Кју-движење во земјава, како и фејсбук-групата ‘Единствена Македонија’“, стои во документот на Метаморфозис.
Според истражувањето поврзано за ставовите со КОВИД-19, 64% од испитаниците веруваат дека КОВИД-19 бил создаден намерно за да можат светските сили да имаат економска и политичка корист. Со овој став се согласуваат повеќе невакцинираните граѓани од вакцинираните за 10%.
„Исто така, повеќе од половина од граѓаните веруваат дека светските елити го создале КОВИД-19 за да го намалат бројот на луѓе на планетата. Од друга страна, 45,4% кажале дека не веруваат оти КОВИД-19 навистина постои, туку е само заговор на светската елита за да ни ја одземе слободата“, се вели во документот.
Со факти против дезинформации
Кога беше актуелна инфодемијата со КОВИД-19, при „скролање“ на Фејсбук можеа да се прочитаат наслови од типот: „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против КОВИД-19“.
Ваквата ситуација стана проблем и за самиот Фејсбук, кој влезе во фокусот на извештаите на ЊузГард, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од септември 2021, ЊузГард поднесуваше извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи кои ширеа невистини за КОВИД-19.
Од друга страна, ребрендираната компанија Мета беше ставена во позиција да повторува дека отстранила повеќе од 20 милиони штетни содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на ЊузГард. Фејсбук ваквите појави во изминатите години ги решава и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни.
И во Македонија постојат т.н. фактчекери, како на пример Вистиномер, задолжени за филтрирање и разобличување на дезинформации, со цел да помагаат при амортизирање на целиот процес и да креираат вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата, и како таа да се провери.
Политиката настрана, докторската фела напред
Според Бојан Кордалов, комуниколог и експерт за нови медиуми, во држава како нашата, каде политиката зема примат над се’, вклучително и над здравството, образованието и другите витални сфери, се создава генерална недоверба во информациите кои доаѓаат од стручните лица.
Дополнително, вели тој, ако на тоа ги ставиме разните пропаганди, меѓутоа и сето она што се нарекува недостаток на дигитална и медиумска писменост, со што се соочуваме како држава, сведочиме на ситуацијата во која се наоѓаме денеска.
„Треба да креираме систем каде наместо политиката да чека прилика за ‘кавга од задната врата’, со цел добивање политички поени, ваквите теми ќе ги остави на стручната фела. Во спротивно, како што може да видиме и во оваа инфодемија поврзана со епидемијата, штетата ќе ја сносат сите, неважно дали се тие дел од политичка партија, неважно од која етничка група, неважно дали се богати или сиромашни“, посочува Кордалов.
На ова се надоврзува и Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Според неа, медиумите и досега не требаше да ја поттиснат темата за недоволната стапка на вакцинираност на населението.
„Сo завршувањето на пандемијата со ковид не заврши таа тема, бидејќи и натаму во Македонија и регионот имаме ниска стапка на вакцинираност од морбили, еве и пертусис и други болести. Затоа, оваа тема не смееше да биде поттисната од секојдневни политички препукувања на кои сведочиме веќе три децении. Тоа е лошо уредувачко размислување. Да, сега се избори, меѓутоа мора да се знае кој е надлежен, стручен, мора секојдневно да се следат бројки, состојби на терен“, посочува Георгиевска.
За неа нема сомнеж дека медиумите мораат да го почитуваат Кодексот на новинарите за точни и проверени информации, притоа да прават анализи, споредби со Србија, регионот, истражувања на темата, да бараат изјави од релевантни лица од медицинската фела.
Исто така, потсетува на дезинформациите што ги поврзуваат вакцините со аутизам, кои, вели таа, се погубни за граѓаните.
„Се сеќавате дека изворот на таквите тврдење, лекарот во Британија што ја поврзуваше вакцината со аутизам, беше казнат од лекарската заедница и му беше одземена дозволата за работа. Меѓутоа, останаа последиците. Луѓето и понатаму остануваа подложни на сомнеж. Затоа велам, со короната не заврши потребата од редовно и авторитетно медиумско известување, а не шпекулирање, ‘како рекол некој надри-лекар’. Треба поголем авторитет, за луѓето да не си дозволуваат да читаат совети од Фејсбук, Твитер, Инстаграм“, нагласува таа.
Комуникологот Кордалов вели дека, како што некој близок носиме на интервенција или операција кај стручните лица, кај докторите или во операциона сала, каде многупати се спасувани нашите и животите на најблиските, така треба да правиме и сега.
„Значи, ниту ‘Гугл’ оперира, ниту интернетот дава апчиња, ниту дигиталниите уреди одредуваат дијагноза, напротив, постојат стручни лица, компетентни луѓе, во случајот докторите и медицинските лица, кои единствено можат да препишат, спроведат, кажат на кој начин да се грижиме за нашето здравје, со цел да имаме индвидуално здравје кај секој човек, а со тоа и колективно здравје’, констатира Кордалов.
Со кампањи за вакцинација – до поголема заштита
Министерството за здравство вели дека со помош на УН-партнерите, постојано вложува во кампањи, со цел едукација и подигнување на свесноста кај родителите во однос на важноста на навремената имунизација.
„Во изминатава 2023 година, со поддршка од СЗО, двапати беше спроведена кампањата ‘Од врата до врата’. Со овие две успешни кампањи, вакцинирани се повеќе од 5.000 деца или со закажан термин за вакцинација, посетени се повеќе од 7.000 домови, каде што е спроведена едукација, а се поделени повеќе од 13 илјади едукативни материјали за рутинска и ковид-вакцинација“, посочуваат од министерството.
Под мотото „Да не си играме со здравјето“, Министерството и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД од декември 2023 почнаа и со кампањата „Заштитени заедно – вакцините делуваат“. Составен дел на кампањата е промоција и на дигиталната платформа Е-здравство.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, посочи дека во текот на ланската година веќе се влучија повеќе здравствени работници, педијатри, лекари од пунктовите за вакцинација и гинеколози, со цел за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството.
„Се забележува дека има зголемено позитивно мислење за вакцините, што е ветувачки, бидејќи има многу неточни информации за вакцините што циркулираат во онлајн светот. Вакцинирањето на децата не е избор, туку одговорност. Вакцините ги штитат децата, возрасните и заедниците“, рече ДиЏовани.
Бојан Шашевски
*Вториот дел од сторијата поврзана со имунизацијата може да го прочитате ТУКА.
**Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.